На гости кај Игор Митровиќ: Модерен стан од 65m2 во Аеродром со лед осветлување во сите простории (фото)
- Детали
- сабота, 06 мај 2023
„Зградата во која живеам е нова, пред нецела година се пушти во употреба. Она што е специфично во мојот стан се библиотеката во дневната соба и винаријата, кои се осветлени со лед светло. Речиси цел стан ми е осветлен со лед светло, бидејќи уживам во таа придушена атмосфера“, вели Игор Митровиќ (32) за CRNOBELO.com.
Игор Митровиќ (32), по професија арт директор и графички дизајнер, со хоби музика, живее во стан од 65m2 во скопската населба Аеродром.
Во станот доминираат темните бои, а на Игор омилени му се винаријата, библиотеката и работната соба.
За CRNOBELO.com тој открива детали за уредувањетo:
„Зградата во која живеам е нова, пред нецела година се пушти во употреба. Живеам сам во стан од 65m2 во населба Аеродром.
Во Аеродром сум роден и израснат. Отсекогаш сум мечтаел да имам свој стан и да го уредам по мој вкус, како што јас сакам, и конечно ми се оствари тој сон.
Станот располага со дневна соба, кујна и трпезарија, спална соба, гостинска соба, едно гостинско веце, еден тоалет и тераса.
Пред година и пол почнав да истражувам за како сакам да го уредам станот и контактирав дизајнер на ентериер и цела седмица собиравме и разменувавме идеи. Јас секако имав идеја како сакам да изгледа, но дизајнерот вешто и одлично си ја заврши работата.
Со само неколку корекции од моја страна, успеа да ми го погоди точно мојот стил. Знаев дека сакам да биде модерен и урбан, минималистички стил, но сепак да го има тоа домашно чувство и топлина.
Внимавав на секој детаљ и секоја ситница. Станот го средував со толку многу љубов и ентузијазам, што немаше кој не го забележа тоа од тие што ме знаат, кога го видоа станот готов, среден.
Сакав да се чувствувам убаво кога сум во ова мое катче, да го почувствувам веднаш како дом, а бидејќи работам од дома, поголемиот дел од денот го минувам дома.
Сакав да преовладуваат црната и сивата боја, но да се искомбинира со посветли бои за да не го затворат просторот, да се направи убава рамнотежа со сината боја, која воедно ми е омилена.
Разбивме монотонија со неколку детали кои се во боја, но сепак во тон со целата палета на бои којашто преволадува во станот.
Мебелот во дневната соба е сив, масата е потемна сива нијанса на бои со црн метал долу, исто како и трпезариската маса, којашто е во тон со посветло сиви столици. Столиците на шанкот се во истата боја со столиците од трпезариската маса.
Она што е специфично во мојот стан се библиотеката во дневната соба и винаријата, кои се осветлени со лед светло.
Љубител сум на убаво бело суво вино и виски, па секогаш си имам при рака кога сакам да се опуштам со по една чаша.