Марија Старделова (37) е холистички нутриционист - споделува топ 5 совети за бременоста и работи кои ги променила во исхраната
„Моментално сум во втората половина од 8-миот месец од бременоста и сè до сега помина многу лесно. Пред бременоста правев крвна слика на секои 6 месеци, сега правам еднаш во 3 или 4 недели и ги следам параметрите. Од останатите навики коишто ги променив е консумацијата на кафе. Исто така, многу повеќе време одвојувам за одмор и сон“ - Марија Старделова (37) за CRNOBELO.com споделува кои навики во исхраната и животниот стил ги променила во бременоста и споделува совети за трудници.
Марија Старделова (37) од Скопје, по професија маркетинг директор и од неодамна сертифициран Холистички нутриционист (од каде и познавањето за исхрана), на Инстаграм редовно споделува совети и рецепти за здрава исхрана и здрав животен стил.
Моментално, таа е во 8-иот месец од бременоста, а за CRNOBELO.com открива дека и покрај тоа што голем дел од рутините и навиките ѝ останале исти како и пред бременоста, сепак некои од нив претрпеле промени.
Таа зборува за здравиот начин на живот и исхрана, навиките за проверка на здравјето, но и работите од кои се откажала во бременоста, како и оние кои ги додала во начинот на живот за се да помине беспрекорно, како што е досега.
За тоа како ја поднесува бременоста, но и до какви рутини, навики и промени во животниот стил се држи, Марија за CRNOBELO.com вели...
„Моментално сум во втората половина од 8-миот месец од бременоста и на мое големо изненадување, сè до сега помина многу лесно, без никакви маки и потешкотии, или со еден збор: супер! Иако голем дел од рутините и навиките ми останаа исти, сепак дел претрпеа и промени.
Пред да забременам се хранев здраво, со што продолжив, но бидејќи во текот на бременоста имам поголем апетит, многу повеќе време посветувам на комбинирање на намирниците и оброците така за да ги добијам сите потребни витамини и минерали, не само за мене туку и за прав раст и развој на плодот.
Пред бременоста правев крвна слика на секои 6 месеци, сега правам еднаш во 3 или 4 недели и ги следам параметрите. Врз основа на истите, зголемувам одредени намирници во мојата исхрана.
Од останатите навики коишто ги променив е консумацијата на кафе. Јас сум голем љубител на кафе, па од 3 кафиња во денот, сега сум само на 1 или пак само на безкофеинско кафе.
Исто така, многу повеќе време одвојувам за одмор и сон. Ако претходно приоритет ми беше да станам во 6 часот за да направам многу активности, сега активностите ги планирам и менаџирам така, за да имам повеќе време за одмор и спиење. Чудно ми е што ја променив целосната динамика на моето живеење, но тоа го направив свесно и намерно, затоа што периодот што ме чека со бебенце може да биде доста предизвикувачки и исцрпувачки и сакам да можам да го издржам.
Марија за CRNOBELO.com споделува 5 совети за трудници:
Совет бр. 1: Пред што и да направите, секогаш консултирајте го вашиот лекар.
Тоа е лицето што ја следи вашата бременост, што го има знаењето и увидот во истата и што најдобро ќе ви каже што и како треба да направите.
Совет бр. 2: Бидете активни.
Колку повеќе лежите, толку повеќе болки во грбот ќе чувствувате. Дури само 1 час пешачење ќе направи разлика.
Совет бр. 3: Пијте многу, МНОГУ вода.
Хидратацијата е особено важна за вас и плодот но и за кожата којашто МНОГУ се шири во текот на бременоста.
Совет бр. 4: Грижете се за себе и сопственото физичко и ментално здравје.
Така влијаете и врз здравјето на вашето бебенце. Јадете свежи и здрави намирници (особено свежо овошје и зеленчук), трудете се да не јадете процесирана храна (иако верувам дека ќе имате желба, потрудете се да балансирате).
Трудете се да бидете добро одморени и наспани (секако доколку вашата бременост го дозволува тоа).
Водете грижа за здравјето на вашата кожа - креми, масла, вода и храна богата со вода се клучни овде.
Доколку имате грижи и стравови за сè она што ве чека, медитацијата помага многу, па трудете се да медитирате барем 10 минути во денот. И секако, редовни контроли на гинеколог и крвна слика. Не можам доволно да го потенцирам ова.
Совет бр. 5: Едуцирајте се.
Читајте што треба и не треба да правите. Што ве очекува и како да се справите со секој следен предизвик, што за време на бременоста, што за потоа.
Слушајте курсеви и обуки на разни теми поврзани со бременоста и грижата за новороденче, симнете апликации за следење на бременоста и совети околу истата. Бидете подготвени за периодот на лактација и периодот за грижа на новороденчето.
Инаку, бидејќи следна етапа е периодот на доење, подготвувам програма за исхрана за подобра лактација според којашто ќе се водам и јас, а истата ќе биде достапна и на мојата веб страна.
Во однос на исхраната за време на бременост, имам еднен доста обемен текст од моето прво тримесечје, кадешто имам и оброци за 14 дена, но сепак, сакам да нагласам дека има некои намирници коишто се клучни за секоја бремена жена да ги консумира.
Иако сите можат да се внесат преку храна, јас лично извесен дел од тие минерали и витамини ги суплементирам (фолна киселина, Б12, калциум, магнезиум, цинк, Д3).