Какво заболување е хашимото, кои се најчестите симптоми и што се случува кога не се лекува?
Хашимото е автоимуно заболување при кое имунолошкиот систем почнува да ја напаѓа тироидната жлезда и со текот на времето предизвикува хипотироидизам. Ако не се лекува, може да предизвика разни компликации, вклучувајќи кардиоваскуларни заболувања, проблеми со менталното здравје, но и проблеми со репродуктивниот систем.
Хашимото е автоимуно заболување, односно вид воспаление на тироидната жлезда.
Кај лицата со хашимото, антителата од имунолошкиот систем ја напаѓаат тироидната жлезда и ја оштетуваат.
Ова е хронично заболување и е најчестата појава за развој на хипотироидизам.
За подобро да ја разберете болеста, најпрво да разјасниме што претставува тироидната жлезда, но и што е автоимуна болест.
Што е тироидна жлезда и што е автоимуна болест?
Тироидната жлезда е мала жлезда која се наоѓа на предниот дел од вратот. Таа е дел од ендокриниот систем и контролира голем дел од важните функции во телото со лачење одредени хормони.
Главната задача на тироидната жлезда е контролирање на метаболизмот, односно процесот на трансформирање на храната што ја внесуваме во енергија.
Поради нејзината важност, кога има проблеми со тироидната жлезда, може да страда целокупното здравје.
Автоимуните болести настануваат кога имунолошкиот систем, односно одбранбениот систем на организмот, не може да разликува здрави од „болни“ клетки.
Поради ова, антителата што ги создава имунолошкиот систем почнуваат да ги напаѓаат и здравите клетки во организмот.
Што е хашимото?
Хашимото е автоимуно заболување што ја напаѓа тироидната жлезда и може да предизвика хипотироидизам – намалена активност на тироидната жлезда.
Прочитајте повеќе: Кои се најчестите симптоми за хипотироидизам – намалена активност на тироидната жлезда?
Во многу ретки случаи, хашимото може да предизвика и хипертироидизам, односно зголемена активност на тироидната жлезда.
Кај луѓето со хашимото, имунолошкиот систем почнува да ги напаѓа клетките на тироидната жлезда кои се одговорни за лачењето хормони.
Поради ова, со текот на времето ја намалува функцијата на жлездата и, како што спомнавме, обично предизвикува хипотироидизам.
Зошто се јавува и кои луѓе се изложени на поголем ризик?
Не е позната точната причина за појава на хашимото, но експертите веруваат дека постојат неколку фактори кои имаат улога, како гени и пол.
Хашимото може да се појави кај секој, но заболувањето е многу почесто кај жените. Најчесто е кај жени на возраст од 30 до 50 години, но може да се појави и кај тинејџерки и помлади жени.
Се верува дека во некои случаи, и бременоста може да биде ризик кај жените поради вообичаените промени во имунолошкиот систем кои настануваат тогаш.
Шансите за хашимото се зголемени ако некој во семејството го има заболувањето.
Исто така, ризикот е поголем и кај луѓе кои веќе имаат некоја друга автоимуна болест, како целијакија, лупус или дијабетес тип 1.
На поголем ризик од хашимото се изложени и луѓето кои се изложени на радијација.
Кај луѓето со зголемен ризик, и претераниот внес на јод може да предизвика хашимото.
Кои се симптомите на хашимото?
Симптомите на хашимото на почетокот можат да бидат благи, па и незабележливи, и да се развиваат со текот на времето.
Најчесто првиот симптом што се забележува е оток во областа на вратот поради зголемување на тироидната жлезда. Неретко овој симптом го отежнува голтањето.
Другите симптоми обично се оние предизвикани од намалена активност на тироидната жлезда, како:
- Зголемена тежина
- Замор
- Бледило или отоци на лицето
- Болки во зглобовите и мускулите
- Констипација
- Сува кожа
- Кршлива коса и паѓање на косата
- Нередовни или многу обилни менструации
- Депресија
Симптомите на хашимото можат да бидат слични со бројни други здравствени проблеми. Затоа, ако ги забележите, важно е да одите на лекар за да добиете соодветна дијагноза.
Дали има лек за хашимото и какви компликации можат да настанат?
За лекарот да утврди дали имате хашимото, ќе ви направи детален преглед и ќе ви постави прашања за вашата медицинска историја и вашите симптоми.
Најпрво ќе ви биде направен тест за хипотироидизам, а ако постои сомнеж за хашимото, се прави и тест за антитела.
Повеќето лица со хашимото ја добиваат истата терапија за хипотироидизам.
Доколку станува збор за поблаг случај, можно е и да не треба да примате терапија, туку само редовно да го проверувате нивото на хормоните што ги лачи тироидната жлезда.
Можно е да добиете и препорака за избегнување одредени храна и лекови.
Каква и да е вашата состојба, најважно е да се придржувате до препораките од вашиот лекар.
Веќе спомнавме дека тироидната жлезда е одговорна за важни функции во организмот. Па, ако хашимото не се третира или следи, може да предизвика низа компликации:
Зголемување на тироидната жлезда: Бидејќи лачењето хормони се намалува поради хашимото, тироидната жлезда добива сигнал дека треба да лачи повеќе. Овој циклус може да предизвика зголемување на жлездата кое се карактеризира со оток во областа на вратот.
Проблеми со срцето: Хипотироидизмот може да ја намали функцијата на срцето, но и да предизвика неправилно биење и зголемено срце. Може да резултира и со зголемено ниво на „лош“ холестерол, што пак го зголемува ризикот од кардиоваскуларни болести.
Проблеми со менталното здравје: Нетретираното заболување може да предизвика депресија и други проблеми со менталното здравје кои со текот на времето можат значително да се влошат.
Репродуктивни и сексуални проблеми: Кај жените, хипотироидизмот може да предизвика намалено либидо, проблеми со овулацијата и нередовни менструации. И кај мажите се јавува намалено либидо, заедно со еректилна дисфункција и намален број сперматозоиди.
Ризична бременост: Хипотироидизмот во текот на бременоста го зголемува ризикот од спонтан абортус и предвремено породување.
Спирова С. | Црнобело