Зошто не треба да јадете повеќе од две јајца секој ден?
Зголеменото ниво на холестерол, а со тоа и зголемениот ризик од појава на срцеви заболувања се најчестите проблеми со кои се соочуваат луѓето кои јадат повеќе од две јајца секој ден.
Иако јајцата се хранливи и содржат витамини, минерали и протеини, сепак не треба да претерате со оваа храна.
Според експертите, за повеќето луѓе е безбедно да јадат по едно-две јајцa дневно, но оние кои имаат висок холестерол или проблеми со срцето, не треба да јадат повеќе од четири, најмногу пет јајца неделно.
Па, што ќе се случи ако го надминете овој број?
Можно е да се соочите со констипација
Јајцата имаат многу протеини, но немаат хранливи влакна. А, токму бидејќи немаат хранливи влакна, може да настане констипација доколку претерувате.
Дури и кога сте умерени, препорачливо е да ги комбинирате јајцата со храна како спанаќ или домати, односно намирници богати со хранливи влакна кои ја поттикнуваат работата на цревата.
Ќе се зголеми нивото на холестерол
Јајцата, особено жолчката, содржат многу холестерол. Ако сте умерени со оваа храна и немате проблем со висок холестерол, не би требало да почувствувате негативни последици.
Но, ако секојдневно јадете три и повеќе јајца, кога-тогаш ќе се соочите со висок холестерол. Овој проблем може да стане уште посериозен ако ги комбинирате јајцата со многу мрсна храна, како путер или сланина.
Можно е да ви се појават акни и проблеми со кожата
Јајцата содржат многу прогестерон – хормон кој може да предизвика појава на акни и разни проблеми со кожата.
Како што веќе кажавме, со умерено консумирање нема да се јави овој проблем, но ако ги јадете многу често, ќе го зголемите нивото на прогестерон во телото и постои голема веројатност да ви се појават акни, особено ако сте веќе склони кон нивна појава.
Може да се зголемат шансите за срцеви заболувања
Главниот „виновник“ во овој случај е холестеролот што го содржат јајцата. Што значи, ако веќе имате висок холестерол, не е препорачливо да претерувате со нивната консумација.
Покрај тоа, некои истражувања покажале дека претераното консумирање јајца може дополнително да го зголеми ризикот за појава од срцеви заболувања кај лица со дијабетес.
Подуеност
Како за многу намирници, постои и нетолеранција на јајца, која не е опасна по живот, но може да ви предизвика проблеми, најмногу со дигестивниот систем.
Луѓето кои имаат нетолеранција на јајца неретко чувствуваат подуеност од оваа храна, а доста често се соочуваат и со дијареја.
Важно е да се нагласи дека ова е различно од алергијата на јајца и неретко нетолеранцијата не трае целиот живот.
Ако ги чувствувате овие симптоми, намалете со јајцата и најдобро консултирајте се со вашиот лекар за да откриете дали станува збор за алергија или нетолеранција.
Спирова С. | Црнобело