Што ќе се случи со вашиот организам кога ќе почнете да пиете доволно вода?
Постојано слушаме колку е важно да пиеме многу вода, но дали го следите овој совет? Ако одговорот е не, следниве причини ќе ве натераат да го промените тоа.
Нашето тело е околу 60% вода и без неа не би можело да функционира. Жедта што ја чувствуваме кога не пиеме доволно вода е најмалиот проблем бидејќи дехидратацијата може да предизвика цела низа сериозни компликации.
Од друга страна, пиењето доволно вода ќе ве направи поздрави, посреќни и ќе ви помогне да избегнете многу проблеми.
Што ќе се случи кога ќе почнете да пиете доволно вода?
Намалена болка во зглобовите
Нашите зглобови се „подмачкани“ со густа течност која го намалува триењето меѓу коските, а со тоа и нивното трошење.
Во најголем дел, оваа течност содржи вода, па ако не пиете доволно, нејзиниот капацитет може да се намали и тоа да резултира со болки во зглобовите.
Од друга страна, со пиењето доволно вода добро ќе ги „подмачкате“ зглобовите и помала е веројатноста да се појават проблеми.
Помал ризик од инфекции на уринарниот тракт и камења во бубрезите
Бубрезите се како филтри во нашиот организам и низ нив минуваат голем број токсини. Пиењето доволно вода ќе помогне во разредувањето на овие токсини и супстанци кои инаку би можеле да предизвикаат формирање на таканаречени камења ако се наталожат.
Кога станува збор за инфекции на уринарниот тракт, пиењето вода ќе ве тера почесто да одите во тоалет, а со тоа да ги исфрлите штетните бактерии.
Дури и ако веќе имате инфекција, препорачливо е да пиете повеќе вода за полесно да се ослободите од неа.
Подобро расположение и поголема концентрација
Дехидратацијата има негативно влијание врз секој дел од телото, вклучувајќи го и мозокот. Ако не пиете доволно вода, ни вашиот мозок нема да го добива потребното количество, па подгответе се за намалена концентрација и лошо расположение.
Подобра функција на срцето
Дехидратацијата може да го намали волуменот на крв во организмот. Ова, пак, го зголемува ризикот од акумулација на холестерол во артериите.
Дехидратацијата може и да го намали крвниот притисок, но и да го забрза вашиот пулс.
Помалку главоболки
Сигурно и самите имате забележано дека кога не пиете доволно вода, чувствувате главоболка. Оваа болка може да се јави на кој било дел од главата и може да биде навистина интензивна.
Но, ако пиете доволно вода во текот на денот, главоболките ќе станат многу поретка појава.
Помал ризик од констипација
Пиењето доволно вода го намалува ризикот од констипација - кога во организмот ќе има доволно вода, цревата ќе се празнат многу полесно.
Всушност, дехидратацијата е една од најчестите причини за констипација.
Колку вода треба да пиете?
Потребите на вашето тело зависат од неколку фактори – телесна тежина, физичка активност, здравствена состојба, бременост и слично.
Но, експертите се согласуваат дека генерално, би требало да испиете околу осум чаши вода во текот на денот, но и да ги слушате потребите на вашето тело.
Ако сте физички активни, ако времето е топло, ако јадете многу солена храна која дехидрира, ако сте болни и слично – тогаш веројатно ќе ви треба повеќе вода.
Исто така, некои луѓе се чувствуваат подобро со 7 чаши вода дневно, а некои со 10. Што значи, слушајте го вашиот организам и имајте на ум дека ако често чувствувате жед, тогаш треба да пиете повеќе вода од вообичаено.
Препорачливо е покрај вас секогаш да имате чаша или шише со вода и одвреме-навреме да пиете по неколку голтки. Со текот на времето ова ќе ви стане навика и ќе внесувате доволно вода без многу мислење.
Спирова С. | Црнобело