5 есенски намирници кои го одржуваат здравјето на очите и добриот вид
Една од најдобрите работи што можете да направите за видот и долгорочното здравје на очите е да јадете урамнотежена исхрана богата со овошје и зеленчук и ниска содржина на заситени масти и шеќер. Витамините А, Ц, Е и цинкот се особено корисни за видот.
А есента е сезона на многу намирници кои се неопходни за одржување на општото здравје, како и здравјето на очите. Еве неколку препораки за тоа што треба да се најде на вашето мени оваа сезона:
Кељ
Лиснат, темнозелен зеленчук кој содржи хранливи материи како лутеин и зеаксантин. Двата антиоксиданти се наоѓаат во високи концентрации во макулата, центарот на мрежницата, која е одговорна за она што го гледаме директно пред нас.
Телото природно не ги произведува сите овие хранливи материи што му се потребни, па затоа е важно да ги внесете преку храната.
Консумирањето на многу лисест, зелен зеленчук како кељ и спанаќ помага да се заштити видот и воедно се намалува ризикот од катаракта и макуларна дегенерација.
Моркови
Морковите ги има преку целата година, но има и многу вистина во она што постојано се кажува – морковот е особено добар за видот!
Морковот содржи многу витамин А, кој помага да се заштити површината на окото и е неопходен за борба против синдромот на „суво око“ и одржување на добар вид.
Витаминот А, исто така, игра улога во намалување на ризикот од губење на видот поради макуларна дегенерација и катаракта.
Црвени пиперки
Иако пиперките се исто така достапни во текот на целата година, врвот на сезоната е токму сега, наесен. Пиперките со светли бои помагаат да се одржи површината на очите здрава и да се намали ризикот од макуларна дегенерација поврзана со возраста.
Само една чинија црвени пиперки обезбедува 100 проценти од препорачаната дневна доза на витамините А и Ц. Покрај тоа, пиперката е без маснотии, нискокалорична и содржи 3 грама влакна по парче.
Тиква
Тиквата е типична есенска храна која содржи хранливи материи за очите, вклучувајќи ги и витамините А, Ц и Е, цинк, влакна, лутеин и зеаксантин.
Овие микронутриенти помагаат во борбата против макуларна дегенерација поврзана со возраста, синдром на „суво око“ и појава на катаракта.
Тиквички
Тиквичките се богати со лутеин и зеаксантин, витамин Ц, витамин Е, цинк. Храната богата со цинк може да помогне да се спречи катаракта. Тиквичките, исто така, содржат манган, калиум и магнезиум.
Покрај тоа што ги штитат очите, тиквичките се добри и за одржување на телесната тежина и нивото на холестерол во крвта.
Тиквичките содржат многу антиоксиданти, особено каротеноиди како лутеин, зеаксантин и бета-каротин, што се исто така добри за здравјето на очите.
(О)Милена | Црнобело