Совети за правилно и безболно користење на вагиналетите
Вагиналетите најчесто се користат за лечење на инфекции, имаат овален облик и обично се вметнуваат со помош на апликатор. Со загревањето на телесната температура, вагиналетата се растопува и преминува во течна состојба.
Се сметаат за сигурен и лесен начин да се излечат одредени интимни проблеми, а во многу случаи побрзо делуваат отколку оралната терапија, со помалку несакани појави, секако со претходна консултација со лекар.
Пред вметнувањето на вагиналетата важно е интимниот дел да биде исчистен со неутрален сапун и вода, но и да се отстрани секоја влажност.
Најдобро е вагиналетите да се користат пред спиење, бидејќи лежечката состојба го спречува растекувањето на лекот.
Вагиналетата може кратко да ја потопите во вода пред вметнувањето, за да оди полесно.
За да не ви се распадне вагиналетата, може да ја ставите во фрижидер неколку часа претходно.
Исто така, терапијата не смее да се прекине при првото олеснување на симптомите. Важно е терапијата да се доврши, дури и откако симптомите ќе престанат.
Некои вагиналети може да се користат и за време на менструалниот циклус, но најдобро е да се консултирате со лекар или да го прочитате детално упатството.
Кога користите вагиналети за лечење на инфекции, важно е да внимавате и на исхраната, односно да не внесувате храна богата со шеќери и да избегнувате алкохол.
М. Д. | Црнобело