Овошјето (сепак) помага во симнувањето на килограмите
Веќе неколку години сме во недоумица дали овошјето ни помага полесно да се ослободиме од килограмите или го забавува процесот на слабеење, особено кога во пораст се протеинските диети и режими на исхрана.
Еве добри вести, доколку ги сакате бобинките, крушите и јаболката: не треба да го исклучите овошјето од исхраната доколку сакате да ослабете. Точно, овошјето содржи јаглехидрати и природен шеќер.
Но, постојат важни причини зошто овошјето треба да биде вклучено во секојдневната исхрана, дури и кога се обидувате да симнете некој килограм. Клучот е да го јадете стратешки.
Природните супстанции во овошјето - вклучувајќи ги витамините, минералите, антиоксидантите, диеталните влакна и пробиотиците се неверојатно добри за вас, не само во смисла на заштита од хронични болести, туку и за одржување и намалување на вашата телесна тежина. Дури и доколку јадете многу зеленчук, целосното исклучување на овошјето значи недостаток на уникатните антиоксиданти што истото го обезбедуваат.
Во одредено спроведено истражување, овошјето всушност е врзано со губење на тежината, а не со зголемување на истата како што сметаат многумина.
Една студија пак откри дека оние со прекумерна тежина како и здебелени возрасни луѓе кои јаделе повеќе овошје изгубиле повеќе тежината отколку оние кои не го јаделе воопшто.
Овошјето создава чувство на ситост, ја задоволува желбата за нешто слатко и го намалува ризикот да се „лапне“ некое бонбонче или печиво наместо парче свежо овошје.
Овошките, исто така, имаат способност да ги заменат висококалоричните слатки, додека зеленчукот повеќе се третира како додаток во јадењата. Со други зборови, многу е поголема веројатноста да изберете јаболко, отколку парче брокула наместо колаче.
Оваа замена може да ви помогне да го ограничите вкупниот дневен внес на калории и да го избегнете додатниот шеќер, кој е вистинскиот виновник кога станува збор за зголемување на телесната тежина.
Природниот шеќер кој е присутен во овошјето е многу помалку концентриран од рафинираниот, и во својот состав содржи и вода, како и голем број на клучни хранливи материи. На пример, еден портокал ќе ви обезбеди околу 17 грама јаглехидрати, од кои околу 12 се природен шеќер.
Но, исто така, тој го обезбедува телото со течност, 12% од дневните потреби на диетални влакна и речиси 100% од препорачаната дневна количина на витамин Ц, заедно со витамините Б, калиумот и супстанциите како хесперидин, за кои се покажало дека помагаат во намалување на крвниот притисок, холестеролот и воспаленијата.
Споредете го ова со една лажица рафиниран шеќер која содржи 16 грама јаглехидрати и нема никакви хранливи материи. Во суштина, шеќерот од свежото овошје и преработениот рафиниран шеќер не спаѓаат во истата категорија.
Се разбира, тоа не значи дека можете да јадете неограничено количество овошје. Овошјето содржи јаглени хидрати, а работата на јаглехидратите е да ја поттикне активноста на клетките.
Кога јадете повеќе јаглехидрати отколку што можете да согорите по оброкот, дури и ако доаѓаат од овошје, непотребниот вишок ќе ги нахрани постоечките маснотии или „дебелите“ клетки.
Па кога е најдобро да се јаде овошјето?
Да се изедат неколку банани или огромен грозд пред легнување е секако бесмислено.
Наместо тоа, внимавајте да го вметнете овошјето во оброците кога сте поактивни во текот на денот. Вклучете бобинки во појадокот, изедете мала банана 20 до 30 минути пред вежбањето или пак изедете јаболко со путер од кикиритки во попладневните часови.
Всушност, гледајте да не консумирате овошје по 16 часот.
Крајниот заклучок е дека овошјето е неверојатно хранливо, а според природата на составот не спаѓа во намирниците кои дебелеат. Сепак, внимавајте во кое време од денот го јадете и секако, ограничувајте ја големината на порцииите.
Целосното исклучување на овошјето од вашата секојдневна исхрана во секој случај – е погрешно.
(О)Милена | Црнобело