Можно ли е да се детоксицирате по најлудата ноќ со чаеви, сокови и супер храна?
Новата година, барем кај нас, е синоним за многу забава, јадење и пиење. Од неизбежната сарма, до печеното свинско, кифлите и руската салата, нашите организми се преполнети со вкусна храна и пијалаци кои неретко манифестираат желудочни тегоби и мачнини.
Модерното општество диктира одредени правила како да го вратите организмот во нормала по прекумерното јадење и пиење.
Веројатно веќе налетавме на многу совети кои упатуваат на консумација на здрави житарки (како киноа), многу зелен зеленчук (како кељ или спанаќ) и многу природни детокс сокови и чаеви во денот по најлудата забава.
Пред да си ги потрошите парите на многу од овие продукти, добро е да имате предвид дека инстант-детоксикација на организмот е една прилично голема лага.
Впрочем, нашето тело е скроено така што самото ќе се погрижи да се детоксифицира, а ниту една количина на кељ или зелени чаеви нема да го забрзаат процесот, освен што можеби ќе направат да се чувствувате малку поубаво и полесно.
Што се однесува до сите оние детокс-џусеви и сокови по кои очигледно сите лудуваат – да, секако дека се здрави и не – нема магично да ве детоксицираат. Особено не кога го лишите организмот од одредени видови на храна и пиете само цедени овошни и зеленчукови сокови.
Што се однесува до токсините, експертите се прилично јасни: Доколку имаме премногу токсини во организмот, ќе се чувствуваме прилично лошо.
Разните промоции поврзани со фамозната детоксикација на организмот ќе ви понудат и широка палета на здрави детокс чаеви кои ветуваат чуда.
Но, сè што најчесто тие прават е што предизвикуваат лаксативен ефект на организмот и побрзо ја елиминираат веќе сварената храна во телото.
Можеби вашето стомаче ќе изгледа порамно, но не залажувајте се дека губите килограми или масни наслаги.
Истото се однесува и за т.н. модерна супер-храна. Амарант, киноа, и многубројни други житарки кои се промовираат со цел побрзо да го доведете организмот во нормала ве преплавуваат од сите полици.
Дали овие намирници побрзо ќе ве детоксицираат после прекумерно јадење и пиење? Или можеби скапите пијалаци како кокосовата вода ќе го сторат тоа? Секако дека нема.
Што се однесува до напитоците, доколку сакате да му направите услуга на организмот во секое време, држете се до обичната чиста вода.
Веројатно веќе се запрашавте - тогаш како се детоксифицира нашето тело?
Телото самото си ја извршува таа задача. Доколку ни е потребна дополнителна детоксикација, насоките ќе ни ги дадат нашите доктори, наместо некои самопрокламирани експерти за здрав животен стил.
Здравиот црн дроб и бубрезите се главните „чистачи“ на нашиот организам кои ги отстрануваат токсините и го детоксицираат. Доколку работат во совршен ред, нема да имате потреба од никакви дополнителни суплементи или специфична исхрана.
Доколку сепак сакате да не го преоптоварите организмот, држете се до наједноставното правило – златна средина, без никакво претерување, ниту со јадењето, ниту со пиењето.
Вклучете доволно свежо овошје, зеленчук и многу вода. Не ја заобиколувајте вашата вежбачка рутина, само затоа што се наоѓаме среде празничен период.
Доколку пушите – обидете се да се откажете или барем да го намалите бројот на испушени цигари.
И тоа е тоа. Ниту една количина на детокс сокови и чаеви, ниту супер-храна нема магично да ве детоксицираат преку ноќ и да ве направат поздрави.
(О)Милена | Црнобело