Што се случува во телото кога ја одложувате големата нужда?
Веројатно ви е позната ситуацијата: вашиот организам јавува дека е време да појдете во тоалет, но поради срам или немање услови, одлучувате да го занемарите повикот на природата, воздржувајќи се до пристигнувањето дома.
Иако е сосема разбирливо чувството на непријатност при одењето во тоалет на работното место, сепак, задржувањето на столицата може да биде опасно за здравјето. Честото игнорирање на оваа телесна потреба може да предизвика констипација, односно отежнато празнење на цревата или запек.
Д-р Никет Сонпал од Њујорк подетално објаснува до какви последици може да доведе одложувањето на големата нужда. Кога дел од столицата се наоѓа во ректумот, тоа е јасен сигнал кој на телото му порачува: „Еј, човеку, итно најди тоалет и изврши го тоа што мораш“, вели Сонпал.
Временската рамка и фреквенцијата на посети на тоалетот се разликува од поединец до поединец. Кај некои среќници, тоа е веднаш по пиењето на утринската шолја кафе, затоа што кофеинот може да делува стимулативно, додека кај други луѓе е многу покомплицирано.
По два часа...
„Навистина е тешко да ја задржите столицата, бидејќи треба добро да се стегнат сфинктерите. Во првите неколку часа може да почувствувате притисок во пределот на абдоменот. Некои луѓе го опишуваат тоа чувство како абдоминални грчеви.“ - објаснува Сонпал.
По шест часа...
„Многумина го губат нагонот за одење во тоалет, но тоа не значи дека се случило чудо и столицата исчезнала. Таа и понатаму е во телото, но тогаш веќе настапила констипацијата.“ - вели докторот.
По дванаесет часа...
„Што повеќе ја задржувате столицата, толку потешко ќе излезе надвор.“ – дециден е Сонпал. „Во овој стадиум, стомакот е постојано испакнат кон надвор, дури и ако се обидувате да го вовлечете. Одењето во тоалет, пак, може да биде пропратено со напрегање и крварење.“
Доколку продолжите да ја задржувате...
„Иако никогаш не сум слушнал дека некој умрел поради задржување на столицата, доброволното задржување ќе ја направи тврда како камен.“ – вели Сонбал и објаснува: „Ако оваа состојба потрае, многу веројатно е дека ќе ви бидат потребни лаксативи. Поради тоа, треба да појдете во тоалет секогаш кога телото го „бара“ тоа од вас. Доколку не можете веднаш, тогаш направете го штом ви се укаже прилика."
М. А. | Црнобело