Човекот кој цела недела јадел само Нутела: Тоа беа најлошите 7 дена во мојот живот
Иако на сите љубители ова ќе им звучи како генијална идеја, сепак Дејвид Алегрети кој одлучил 7 дена да преживува само со Нутела, тврди дека не е баш така.
Дејвид можел да пие што ќе посака, но морал да јаде исклучиво крем Нутела. Неговото 7-дневно искуство кое го сподели со јавноста гласи вака:
Ден 0: Сабота
Тежина: 66kg
Ја поминав првата вечер журкајќи се низ град со пријател и се чувствувам одлично. Ја завршив првата тегла Нутела за само неколку часа и се чувствувам уште подобро. Ова ќе биде многу лесно.
Ден 1: Недела
Тежина: 66kg
Не е необично за мене да го започнам денот со Нутела, но овој пат појадував со насмевка на лицето. Си помислив, колку е убаво кога возрасните може да појадуваат што сакаат. Неколку часа подоцна ми дојдоа пријателите. Седевме на тераса и пиевме виски. Попладне тргнавме кон парк. Таму испивме уште малку. Ми се чинеше како одлична идеја кога стомакот ми е полн со Нутела.
Околу 19 часот се вратив дома и повратив киселина. Тоа беше првиот знак дека нешто со мене не е во ред.
Ден 2: Понеделник
Тежина: 64kg
Бев мамурен, ме болеше главата и ми се јадеше пица. Кога успеав да стигнам до кујната, цимерот замислено ме погледна и ми рече: „Уште го правиш она со Нутелата?“ Тажно му одговорив потврдно.
Излеговме, но наместо да го слушам што зборува, само молчев. Паметот ми беше замаглен и чувствував некоја чудна блокада во ушите. Немав енергија, цел ден бев гладен. Помислата на темниот крем ме тераше на повраќање.
Ден 3: Вторник
Тежина: 64kg
Денот го започнав гледајќи како еден маж си мачка путер од кикирики. По 3 дена чоколаден крем, сетилото за вкус ми се засили. Можев да го почувствувам секој милиграм сол во тој путер од кикирики. Сакав кикирики како што сакав и хамбургер. Или некој монструозен сендвич со сланина и кашкавал.
Кога стигнав на работа појадував Нутела. Шеќерот ми скокна до максимум и почувствував подобрување, но не траеше долго. Веќе кога бев при крај со работата, еден од колегите ме праша да не сум болен. Така му изгледав.
Признав дека се чувствувам болно. Излегов на свеж воздух да се освестам, но ми беше студено и ми се спиеше. Едноставно речено, мислев дека во секој момент ќе се скршам.
Ден 4: Среда
Тежина: 64kg
Денот кога пропаднав. Мислев дека сум во црна дупка од која не можев да излезам да стигнам на предавањето кое ми беше закажано. Дури и станувањето од креветот беше неподносливо.
Попладнето ми заѕвони телефонот. Беше еден мој колега кој ја знаеше целата приказна и само ми рече „пријателе, размислував дека можеби најдобро е да се откажеш, загрижен сум за твоето здравје.“
Заедно со тие зборови, во мислите започна да ми игра солена храна. Но, иако бев во искушение си реков дека штом издржав 3 дена, ќе издржам уште 3. Кој би сакал да чита за човекот кој јадел 3 дена само Нутела? Не звучи толку интересно. Решив да продолжам.
Попладнето го потрошив на тоа како да го направам тој чоколаден вкус поинаков и попривлечен. Замрзнав неколку лажици со Нутела, за да можам потоа да ги џвакам. Вкусот не се подобри, напротив. Испив едно кафе, по што некако се смирив.
Ден 5: Четврток
Тежина: 63kg
Четвртокот беше тмурен. Неверојатно е како може основната исхрана да има значајно влијание врз менталното и физичкото здравје на телото. Во овој момент, живеев во лудило. Ништо не ми се чинеше реално и концентрацијата ми беше уништена. Се што можев да правам е да спијам и да одам во празно.
Вечерта ја посетив мајка ми која речиси ме предомисли со мирисот на домашни тестенини. Само ме погледна и ми рече да престанам што побрзо. Мислеше дека сум полуден и дека не сум свесен какво влијание има ова на моето здравје. Само и вратив дека не разбира што е квалитетно новинарство.
Ден 6: Петок
Тежина: 63kg
Цел ден си повторував „утре ќе јадам, утре ќе јадам, утре ќе јадам...“
Вечерта ја поминав кај пријател. Седевме околу огнот и зборувавме глупости. Расположението ми варираше, помеѓу среќно очекување и презир. Наскоро ќе јадам, но имам уште време.
Ден 7: Сабота
Тежина: 63kg
Никогаш нема да го заборавам ова утро. Беше како втор Божиќ. Станав од креветот чудно среќен, а речиси во делириум. Прославив со сендвич од печено свинско, толку огромен што едвај го гризев. Чиста среќа.
Заклучок
На нормална диета сум веќе 3 дена. Кога ќе се вратам наназад, мислам дека изминатата недела беше емоционално најразновидна во мојот живот.
Запаѓав во депресија без потреба и причина, за после тоа да бидам неверојатно среќен и хиперактивен. Но, едно нешто не се промени – постојано бев збунет и го загубив чувството за реалност.
Во овој момент можам само да кажам дека не сакам Нутела. Можеби ќе треба да ме прашате повторно за неколку месеци, ако не и години.