Сончајте се умерено!
Сонцето е лек за се, како го определил уште Хипократ во прастарите времиња. Сонцето е еден од најдобрите извори на животот. Тоа е неоспорно, но...
... и се што е претерано нечини, така е и со сонцето во однос на неговото користење.
Претераното изложување на сончевите зраци може да предизвика болести, особено на кожата. Ова се објаснува со тоа, што после изгоретините предизвикани со сончањето, се уништуваат белковините и продуктите по нивното распаѓање добиваат својства кои се туѓи на организмот.
Организмот на нивната појава реагира со изработување автоантитела. На тој начин доаѓа до автоимуни процеси, кои предизвикуваат развивање на разни алергични заболувања. Не претставува никаква тешкотија да се избегнат можните компликации предизвикани со сончањето.
За постапното сончање може да послужи следната Комерова шема:
За првите 4 дена сончањето прогресивно трае од 5 до 20 минути и тоа од стапалата до стомакот. Потоа сончањето секој ден се зголемува по 5 минути и се проширува на целото тело.
Најголемото изложување на сонцето не смее да биде поголемо од 1 час (некои автори препорачуваат 2 до 3 часа, а кај поединци, по проверка сончање и од повеќе часа им одговара на организмот и тоа за повеќе години).
Помеѓу одделни сончања, растојанијата треба да изнесуваат 30 до 60 минути. За време на сончањето, главата и вратот треба да се покриени и тоа, по можност, со бела капа (белата боја најдобро не штити од радијацијата).
Оштетувањето на кожата може да се спречи (се разбира при долго сончање), или да се ублажи, ако кожата се мачка со масен крем или млеко.
Според некои автори најдобро е влажнење на организмот со ладна вода која се полива или со ладен туш, ако го има, односно ако организмот може тоа да го поднесе, без последици за здравјето.
Со тоа не само што се освежува многу загреаниот организам, туку и телото се чисти од потта, песокот и други нечистотии и се отвараат порите, подобро се дише, а понатамошното сончање може да продолжи со порационално користење на неговите зраци, за подобра, поуспешна и порационална пигментација на кожата.