Како со пролетните алергии?
Во почетокот на пролетта, коа се буди сета природа и цветаат пролетните булки, за многу луѓе започнува ноќната мора поврзана со пролетните алергии.
Почетната сезона им е во март, додека поленските алергии знаат да траат и до септември. Најчестите симптоми се кивање, кашлање, црвенило во очите, умор и раздразнетост.
Бројот на луѓето кои се алергични се зголемува се повеќе, а овој растеж е тесно поврзан со продолженото цветање на тревата и цвеќињата од глобалното затоплување.
Исто така загадениот воздух и околината допринесуваат во слабеењето на имунитетот на организмот. Од овие алергии жените заболуваат повеќе од мажите, и тоа на возраст од 25 до 35 години.
Склоноста кон алергиите е и наследна, доколку еден или двајцата родители имаат проблеми со пролетните алергии, веројатноста дека и вие ќе наследите некоја алергија е за 75% поголема.
Некој магичен лек против алергиите нема, но симптомите можат да се ублажат. Експертите советуваат дека со комбинирање на соодветна терапија и антиалергиски лекови, може да се намалат симптомите и алергиите.
Исто така, научниците препорачуваат поголема хигиена, често перење на постелнината, туширање и миење на косата бидејќи поленот највеќе се собира на косата и облеката.
Влагата и мувлата некогаш можат да ги зголемат симптомите на алергијата или алергиската астма, па се препорачува често проветрување на просториите и одржување на хигиената и во тоалетите.