Пет здравствени проблеми кои ги лечи лимонадата
Пита од лимон, пилешко во сос од лимон или лимонада? Ова последново веројатно најдобро ќе помогне во зајакнувањето на имунитетот, во ефикасната борба против настинка, но и во борбата со некои хронични заболувања.
Многумина го нарекуваат како една од најздравите намирници на светот, најмногу поради големата количина на витамин Ц, но и поради останатите нутритиенти како што се биофлавоноиди, пектин, фолна киселина, витамин А, Б1, Б6, калиум, калциум, магнезиум, фосфор, манган...
Ако не сакате да консумирате лимонада бидејќи сметате дека ја омекнува и оштетува глеѓта на забите, обидете се со овој трик. Кога ќе ја испиете лимонадата, устата исплакнете ја со вода, па почекајте 30 минути и измијте ги забите со паста за заби.
Ова се петте проблеми кои можете да ги решите со домашна лимонада.
1. Камчиња во бубрег. Се создаваат кога урината содржи премногу соли, а недоволно останати супстанци како на пример цитрати. Бидејќи лимоновиот сок содржи лимонска киселина (околу осум проценти) најдобро е за подобра филтрација на бубрезите да се испие половина филџан цеден сок од лимон разреден со седум филџани вода. Можете да го засладите со вештачки засладувачи и да го пиете секој ден. Освен тоа, би требало да го намалите внесувањето на сол и да јадете помали порции месо и риба и да пиете доволно течности.
2. Артритис. Мочната киселина во повеќето ткива, па така и во зглобовите се кристализира во повеќе од 95 % од случаите како натриум урат што предизвикува артритис. За да се намали болката, вкочанетоста и постојаните воспалувања, сокот од лимон може да биде многу корисен. Исцедете сок од половина лимон во чаша вода и испијте го пред појадок. Испијте уште една чаша разреден лимонов сок пред ручек, вечера и пред спиење.
3. Запек. Може да биде предизвикан од бројни фактори, вклучувајќи и недоволно земање течности, влакна или земање премногу млечни производи. За лечење на запек со сок од лимон измешајте едно лажиче сок со чаша топла вода. Ставете и едно лажиче мед и пијте секој ден.
4. Осетлив желудник. Сте изеле обилен оброк, а тоа му пречи на вашиот желудник. Ве мачи киселина и надуеност, би требало да земете нешто што ќе ви помогне за варењето, а тоа се киселините во сокот од лимон. Измешајте сок од половина лимон и половина лажиче сода бикарбона во чаша со вода и испијте го.
5. Болки во грлото. Лимонската киселина и витаминот Ц од сокот му даваат на лимонот антибактериско својство што помага за ублажување на воспалението. Лимоновиот сок исто така го јакне имуниот систем. Следниот пат кога ќе почувствувате надразнето грло, обидете се да си ги олесните маките и да ги „избркате“ вирусите со лимонада. Исцедете сок од лимон во еден филџан. Надополнете со топла вода и добро измешајте. Испирајте го грлото со разреден сок од лимон неколку пати во текот на денот.