Сливи - најздрави се кога се свежи
На врвот од листата овошја кои се со најсилно антиоксидантно дејство се наоѓа сливата, чија сезона почува во втората половина од летото.
На нашето поднебје ова е многу распространето овошје. Поради вкусниот и убав изглед, како и поради вредните состојки кои ги поседува, сливите се многу популарно овошје.
Во сто грама сливи има 87 грама вода и 11 грама јаглени хидрати, додека преостанатиот дел содржи растителни влакна и белковини.
Од витамините, сливите најмногу имаат витамин Ц и Е, бета каротен и фолна киселина. Витаминот Ц е важен затоа што ја помага апсорпцијата на железото во организмот, но и го намалува ризикот од срцеви заболувања. Кога станува збор за минералите, сливата е богата со калиум, фосфор, магнезиум, натриум...
Диететските влакна кои ги има во сливата помагаат во намалувањето на холестеролот во крвта и ја регулираат опстипацијата.
Сувата слива во однос на другото суво овошје има двојно поголема антиоксидантна способност. Во сувите сливи има поголема концентрација на сорбитол и растителни влакна кои им даваат поголем лаксативен ефект во однос на свежите.
Поради нејзините благотворни состојки добро е да се јадат сливи, особено за појадок. Во обичен јогурт ставете исечкани или излупени сливи и додајте мед по желба, Овој силен и здрав енергетски појадок ќе ви ја обезбеди целокупната потребна енергија.
Да ја искористиме сезоната на ова корисно овошје!