6 работи за менопауза што секоја жена над 30 треба да ги знае, според гинеколог
Можно е да останете бремени во перименопауза, додека симптомите на менопауза може да зависат од вашите животни навики.
Менопаузата е нормален процес кој го означува крајот на плодниот период од животот на една жена.
Иако најчесто настапува по 50-тата година, важно е жените да бидат свесни за некои работи уште пред да наполнат 40.
За американскиот магазин Pure Wow, гинекологот д-р Мелани Боун од САД открива кои се шесте работи што секоја жена треба да ги знае за менопаузата, особено откако ќе наполни 30 години.
Погледнете ги во продолжение:
Перименопаузата може да почне една деценија пред да ви престане менструацијата
Перименопаузата го претставува периодот на транзиција пред менопауза и може да почне многу порано отколку што жените очекуваат.
Додека, во просек, менопаузата настапува по 51-та година, хормоналните промени предизвикани од перименопауза може да се појават уште во доцните 30-ти.
И перименопаузата може да предизвика симптоми како нередовни менструации или променливо расположение, некогаш и проблеми со спиењето и болка за време на секс.
Секоја жена се соочува со разни симптоми на менопауза
Сите знаат за таканаречените топли бранови кои се сметаат за најчест симптом на менопауза.
Но, на некои жени може да им се случи да им студи повеќе од вообичаено.
Постојат и низа други симптоми и всушност секоја жена различно ја доживува менопаузата.
Некои чувствуваат промени во расположението, некои се соочуваат со когнитивни проблеми, а некои забележуваат почести вагинални инфекции.
Важно е да зборувате за вашите симптоми со гинеколог кој ќе ви помогне полесно да се справите со нив.
Животните навики можат да имаат влијание врз симптомите
Физичката активност, начинот на исхрана, нивото на стрес и слично се работи кои можат да се одразат на симптомите на менопауза.
Поради ова, д-р Мелани Боун советува да ги промените животните навики кога ќе почнете да чувствувате симптоми за полесно да ја поминете транзицијата.
Вежбајте барем двапати неделно, хранете се поздраво, спијте доволно…
Не треба да ја игнорирате раната менопауза
Ако менопаузата настапи пред 45-тата, па и пред 40-тата година, во тој случај се нарекува рана или предвремена.
Причината може да биде медицински третман, како отстранување на јајниците, но може да се случи и природно.
Која и да е причината, раната менопауза може да го зголеми ризикот од одредени здравствени проблеми, па важно е да се консултирате со лекар.
„Разговорот со медицинско лице е клучен ако прерано забележувате симптоми на менопауза.
Немојте да се двоумите дали да зборувате за симптомите на менопауза со вашиот гинеколог“, порачува докторката.
Менопаузата има влијание врз целокупното здравје
Хормоналните промени кои доаѓаат со менопаузата можат да имаат влијание врз целокупното здравје.
На пример, кај жените во менопауза може да се зголеми ризикот од вагинални и инфекции на уринарниот тракт.
Важно е да бидете свесни за овие потенцијални ризици и да не ги игнорирате симптомите, дури и откако ќе настапи менопауза.
Перименопаузата може да има влијание врз плодноста
За време на перименопауза, менструацијата, а со тоа и овулацијата, можат да бидат нередовни. Ова, секако, има влијание врз плодноста.
Но, сè додека лекар не утврди дека сте во менопауза, можете да забремените.
За лекарот да утврди менопауза, потребно е да немате добиено менструација 12 месеци по ред.
Дотогаш, иако менструацијата е нередовна, сепак има шанси за зачнување.
Па, важно е да користите заштита ако не планирате бременост, дури и ако знаете дека наближува менопаузата.
Погледнете и: 4 работи за перименопауза што секоја жена над 35 години треба да ги знае
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





