Какви болести предизвикува загадувањето на воздухот (и има ли начин да се заштитиме)?
Порано се верувало дека загадувањето на воздухот има влијание само врз респираторниот систем, но сега веќе е класифицирано како канцерогено, а долгата изложеност може да биде причина и за рана смрт.
Веќе неколку години наназад, со почетокот на грејната сезона, скопјани се будат со вестите дека Скопје е меѓу најзагадените градови во светот.
Со сличен проблем се соочуваат и низ другите поголеми градови во Македонија.
Најчесто, причина за загадениот воздух се индустријата, загревањето на домовите, како и сообраќајот.
Сите знаеме дека загадувањето на воздухот е штетно по здравјето, но знаете ли од кои болести го зголемува ризикот, но и дали има шанси да се заштите ако живеете во загаден град?
Неколку факти за загадувањето на воздухот и неговото влијание:
Што е загадување на воздухот?
Загадување на воздухот претставува присуство на еден или повеќе загадувачи во атмосферата, како прашина, гасови, чад, испарувања…
Постојат многу токсини што можат да го загадат воздухот, но генерално, најприсутни во градовите се таканаречените ПМ честички, јаглероден моноксид, озон, азот диоксид и сулфур диоксид.
Можеби најопасни се ПМ честичките, кои се еден од најголемите проблеми кај нас.
ПМ честичките се составени од хемикалии, како сулфати, нитрати, јаглерод… А, емисиите од согорување гориво, но и чадот од пожарите, содржат ПМ честички.
Веројатно кај нас сте слушнале за ПМ10 и ПМ2,5 честички – овие броеви го означуваат нивниот дијаметар.
Односно, дијаметарот на ПМ10 честичките е помал од 10 микрометри, додека на ПМ2,5 честичките – помал од 2,5 микрометри.
Нивната големина е она што ги прави особено опасни – можеме да ги вдишеме и да завршат во респираторниот систем, од каде предизвикуваат низа проблеми.
Како влијае загадувањето врз нашето здравје?
Дури во 1970-тите биле поставени првите стандарди за квалитетот на воздух и дотогаш експертите верувале дека загадувањето има влијание само врз респираторниот систем.
Но, во 1993 година, се појавило првото истражување кое покажало дека загадувањето на воздухот може да биде причина и за рана смрт.
Оттогаш, бројни истражувања потврдиле дека изложеноста на загаден воздух може да води до хронични болести, па и рак.
Од 2013 година, загадувањето на воздухот е класифицирано како канцерогено за луѓето.
Многу експери докажале дека и краткотрајната изложеност на многу загаден воздух може да биде причина за намален ефикасност на белите дробови, астма, проблеми со срцето…
Загадувањето со ПМ2,5 честички, пак, е поврзано и со зголемен ризик од смрт.
Дел од болестите кои можат да настанат од загаден воздух:
Рак
Истражување со над 57.000 жени покажало дека оние кои живеат покрај автопат (и се изложени на загадување од сообраќајот) имаат поголем ризик од рак на дојка.
Изложеноста на бензен (индустриско хемиско соединение кое го има и во горивото) е поврзана со леукемија и Не-Хочкинов лимфом.
Долго истражување од 2000 до 2016-та нашло поврзаност помеѓу рак на белите дробови и користење јаглен како гориво за производство на струја.
Анализа на истражувања покажала дека кај повозрасните луѓе, изложеноста на ПМ 2,5 честички, подолго од 10 години, го зголемува ризикот од рак на простата.
Кардиоваскуларни болести
Ситните честички од загадениот воздух можат да ја попречат функцијата на крвните садови.
Истражување од Америка покажало дека кај постари испитаници, изложеноста на одредени загадувачи на воздухот може да го намали нивото на „добриот“ холестерол, со тоа предизвикувајќи потенцијални проблеми со кардиоваскуларниот систем.
Респираторни болести
Загадениот воздух може да има негативно влијание во развојот на белите дробови кај деца и да предизвика разни хронични респираторни болести, како астма.
Бројни студии покажале дека случаите со астма се почести во градови со загаден воздух.
Истражување во кое учествувале 50.000 жени покажало дека долготрајната изложеност на ПМ2,5 и ПМ10 честички може да биде причина за хроничен бронхит.