Коксаки вирус: Како да го препознаете, како се пренесува и како да се заштитите?
Коксаки вирусот спаѓа во групата на ентеровируси, а во повеќето случаи тој ќе предизвика само благи симптоми, но треба да се спомене дека може да предизвика и посериозни проблеми. Заразата со вирусот може да се спречи, пред сè, со одржување добра хигиена и често миење на рацете, чистење и дезинфицирање на детските играчки и слични предмети.
Коксаки вирусот спаѓа во групата на ентеровируси, а во повеќето случаи тој ќе предизвика само благи симптоми, но треба да се спомене дека некогаш може да предизвика и посериозни проблеми.
Постојат два вида од овој вирус:
Коксаки вирус А кој ги напаѓа кожата и слузницата, а предизвикува конјунктивитис, херпангина (вирусна болест пропратена со треска и плускавици на грлото) и болест на рацете, нозете и устата. Овој вид се појавува кај децата до 10 годишна возраст, кај доенчиња, но и кај некои возрасни.
Коксаки вирус Б кој ги напаѓа срцето, црниот дроб, панкреасот и белите дробови и предизвикува хепатит, миокардитис (воспаление на срцевиот мускул), плевродинија (инфекција која предизвикува болка во градите или стомачната празнина) и перикардитис (воспаление на срцевата обвивка). И вирусот А исто така може да предизвика миокардитис или перикардитис.
Како се пренесува коксаки вирусот?
Коксаки вирусот се пренесува орално, преку кашлање, кивање, назален секрет, односно кога нема добро да се измијат рацете кои биле во контакт со вирусот (преку менување пелени, чистење нокшир или тоалетна школка) или, пак, индиректно преку заразени предмети на кои вирусот останува активен и до неколку часа – затоа и толку лесно се шири кај малите деца.
Овој вирус претежно се јавува во лето и во есен, а особено заразни се луѓето во текот на првата недела од симптомите.
Може да се појави и за време на бременоста, а во повеќето случаи не е опасен за детето.
Кои се симптомите на коксаки вирусот?
Најчестите симптоми на инфекција со овој вирус се:
- Зголемена температура
- Намален апетит
- Кашлaње
- Болки во грлото
- Замор
- Главоболка
- Дијареја
Кај децата помали од десет години може да се појават и меурчиња во устата, исип на дланките и стапалата, исип во пределот на гениталиите и конјунктивитис.
Овие симптоми траат седум до десет дена, при што пациентот целосно заздравува.
Инфекцијата може да има и компликации, а тоа е губење на нокти или болка во градите и стомачните мускули. Повеќето од овие компликации не се опасни и симптомите сами ќе исчезнат со текот на времето.
Кај возрасните, вирусот понекогаш нема симптоми.
Како се дијагностицира коксаки вирусот?
За дијагностицирање на коксаки вирусот се зема назофарингеален брис, брсис од грло, потоа примерок од столица и евентуално крв по 5-6 недели од почетокот на инфекцијата.
Во вирусната дијагностика се користи вид тест кој е многу чувствителен, специфичен и овозможува брза дијагноза дури и на многу мали количини од вирусниот геном.
Мерки за превенција од коксаки вирус
Коксаки вирусот може да се спречи, пред сè, со одржување добра хигиена и често миење на рацете, чистење и дезинфицирање на детските играчки и слични предмети, но и со темелно миење на рацете по менување на пелената на детето.
Исто така, важно е да не користите ист прибор за јадење и да не пиете од туѓа чаша. Може да помогне и честото проветрување на просториите.
Како се лекува коксаки вирусот?
Не постои специфичен лек за овој вирус, особено затоа што вирусите не се третираат со антибиотици. Може да помогнат антипиретици, лекови за болки во грлото, специјални кремови за исип и лекови за ублажување на болката.
Се препорачува и често да се пијат течности за да се избегне дехидратација, да се одмора и по потреба да се измива устата со чај од жалфија.
Ако се сомневате дека вие или вашето дете имате коксаки вирус, важно е да одморате, но не заборавајте да го посетите и вашиот лекар кој ќе ви ја одреди дијагнозата и терапијата.
М. Ѓ | Црнобело / фото: freepik.com