„Засрамувачки“ симптоми и проблеми со здравјето кои не треба да ги криете од лекарот
Хемороиди, прекумерно потење, намалено либидо – само затоа што некои проблеми со здравјето ви изгледаат засрамувачки, не значи дека е во ред да ги криете од вашиот лекар.
Некои симптоми и проблеми со здравјето за многу луѓе се засрамувачки. Па, наместо да се консултираат со лекар, чекаат проблемот да помине сам од себе.
Но, важно е да знаете дека не сте единствените со вакви проблеми, а вашиот лекар сигурно нема да ве осудува бидејќи веќе имал безброј пациенти во слични ситуации.
Кои „засрамувачки“ проблеми со здравјето не треба да ги игнорирате и криете?
Непријатен мирис „таму долу“
Вагината има специфичен мирис, но ако забележите непријатен мирис, тогаш можно е да сте соочени со некаков проблем.
Лошиот мирис не мора да значи дека не одржувате хигиена, туку неретко е знак за некаква инфекција, особено ако е придружен со чешање и невообичаен исцедок.
Па, немојте да се срамите да се консултирате со гинеколог ако го забележите овој симптом.
Намалено либидо
За многумина, сексот е табу-тема, па неретко луѓето се срамат да споделат со лекарот дека имаат проблеми со либидото.
Ниското либидо може да биде предизвикано од бројни проблеми со здравјето вклучувајќи стрес, депресија, хормонална нерамнотежа, но и фази од животот, како менопауза.
Болка при одење во тоалет
Ако имате проблеми со одењето во тоалет, како болка и констипација кои траат неколку денови, не двоумете се дали да се консултирате со лекар.
Обично ова не е знак за нешто сериозно, но ако ги чувствувате симптомите подолго, најдобро е да го споделите проблемот со вашиот доктор.
Прекумерно потење
Ако имате проблем со прекумерно потење дури и кога не сте физички активни или кога времето е ладно, препорачливо е да се консултирате со лекар.
Тој ќе ви помогне да откриете која е причината за оваа појава, но и ќе ви даде соодветна терапија за да се ослободите од непријатниот проблем.