Паркинсонова болест - симптоми, лекување и како да живеете со неа?
Знаци на Паркинсонова болест обично се вкочанетост и побавни движења, а состојбата се влошува со текот на времето. Не постои лек за ваа болест, но одредени терапии може да ги намалат симптомите.
Паркинсоновата болест е болест која предизвикува тешкотии при движењето, a именувана e по лондонскиот лекар Џејмс Паркинсон, кој прв ги опишал симптомите на болеста во 1817 година. Иако за неа се знае точно два века, сè уште има многу сомнежи и полемики околу неа.
На прашањето како се добива Паркинсоновата болест, експертите обично велат дека симптомите се појавуваат постепено, понекогаш тоа е едвај забележлив тремор (означува неконтролирано, ритмичко движење како тресење или грчење) само на едната рака.
Иако не постои лек за Паркинсоновата болест, а нејзината причина не е целосно позната, одредени терапии можат да помогнат.
Како настанува Паркинсонова болест?
Кај луѓето кои имаат Паркинсонова болест невроните во мозокот со текот на времето пропаѓаат или умираат.
Многу од симптомите на оваа болест се јавуваат токму поради уништувањето на оние нервни клетки кои вообичаено произведуваат допамин.
Кога нивото на допамин се намалува, мозокот се однесува невообичаено, што доведува до тешкотии при движењето и други симптоми на Паркинсонова болест.
Причините за Паркинсоновата болест не се целосно познати, но постојат два фактори кои можат да влијаат на нејзиното појавување.
Гени – истражувачите откриле специфични генски мутации кои можат да предизвикаат Паркинсонова болест, односно да го зголемат ризикот од нејзино појавување, иако ова тврдење сè уште не е целосно разјаснето.
Еколошки предизвикувачи - изложеноста на одредени токсини може да го зголеми ризикот од развој на Паркинсонова болест, иако овој ризик е мал.
Симптоми кои укажуваат на Паркинсонова болест
Во раната фаза на Паркинсоновата болест, се намалува можноста за експресија на лицето, рацете не се нишаат со телото при одење, а лицето кое боледува има тешкотии при зборување.
Симптомите варираат од личност до личност. Сите овие симптоми се влошуваат со текот на времето, а во најрана фаза може и да останат незабележани.
Симптомите обично почнуваат да се забележуваат прво на едната страна од телото и на таа страна се поизразени дури и кога ќе почнат да се појавуваат на другата страна од телото.
Ова се најчестите симптоми кои укажуваат на Паркинсонова болест:
Тремор - тресењето обично започнува на екстремитетите, често на дланките или прстите. Дланките на пациентот често треперат дури и кога се во мирување.
Бавни движења - со текот на времето, Паркинсоновата болест ги забавува движењата, па наједноставните задачи стануваат предизвик. Чекорите на пациентот стануваат сè пократки и пократки, потешко станува од столица, стапалата му се влечат додека оди.
Згрчени мускули – вкочанетоста на мускулите може да се појави на кој било дел од телото и може да биде болно и да го ограничи движењето.
Тешкотии при држењето на телото - пациентот станува наведнат и има проблеми со рамнотежата.
Губење на автоматските движења - се намалува можноста за моторни дејства како трепкање, смеење и слично.
Промени во говорот - поради Паркинсонова болест, говорот може да стане потивок, побрз, пациентот да почне да пелтечи или нејасно да зборува.
Промени во пишувањето - на пациентот може да има тешкотии при пишувањето и сѐ поситно да пишува.