Што е ПАП тест, што открива и на колку време е препорачано да се прави?
Редовните гинеколошки прегледи и правењето ПАП тест се од непроценливо значење за раното откривање на разни заболувања, како рак на грлото на матката и јајниците, кога можноста за целосно излекување е многу голема.
Георгиос Николау Папаниколау бил грчки лекар, пионер во цитопатологијата и рана детекција на карцином на грлото на матката и пронаоѓач на скрининг-тестот ПАП.
Тест по Папаниколау или попознат како ПАП тест е едноставен и неинвазивен медицински преглед кој открива промени во клетките на грлото на матката, открива ХПВ, а резултатите може да укажуваат на развој на рак на грлото на матката дури и во неговите најрани фази, кога шансите за излекување се големи.
Кога се прави ПАП тест?
Секоја жена треба да го направи првиот ПАП тест после првиот сексуален однос, а после тоа, доколку е здрава, доволно е еднаш годишно за да се утврди дали има некакви аномалии на грлото на матката, инфекции или рак на грлото на матката.
ПАП тестот треба да се прави седмиот ден по менструалниот циклус, бидејќи се смета дека тогаш толкувањето на резултатите ќе биде најадекватно.
Како да се подготвите за ПАП тестот?
Два до три дена пред да одите на тестирање, не треба да користите вагинални лекови, кремови, пени, прашоци или купки, а исто така еден до два дена пред тестот не треба да имате сексуални односи.
Резултати
Резултатите од ПАП тестот може да бидат позитивни или негативни. Во случај на позитивни резултати, неопходно е да се потврдат резултатите со колпоскопија и биопсија.
Во случај на лажно позитивни или лажни негативни резултати, првично се препорачува да се повтори ПАП тестот и дури потоа да се одлучи за понатамошен третман доколку е потребно.
Дури и ако ПАП тестот покаже абнормалности, нема причина за паника бидејќи тоа не мора да значи дека имате рак на грлото на матката. Некои од абнормалните клетки може да прераснат во рак со текот на времето, но доколку во консултација со доктор започнете со користење на соодветна терапија, тоа најверојатно нема да се случи.
Дали жените кои се во менопауза или имаат направено хистероктомија треба да прават ПАП тестови?
Редовни ПАП тестови се препорачуваат и за жените во менопауза. Дури и по хистеректомија (отстранување на матката), потребно е да се направат најмалку 3 последователни тестови со соодветни наоди за да може лекарот со сигурност да потврди дека не е потребно дополнително тестирање (ако пациентот не бил опериран за рак на грлото на матката).
Дали трудниците треба да го прават овој тест?
Бременоста е состојба кога може да се направи ПАП тест, се разбира до периодот кога грлото на матката е сѐ уште јасно видливо.
Кога трудницата треба да направи ПАП тест?
- на првиот гинеколошки преглед, ако никогаш претходно не направила;
- при крварење кое може да се јави во која било фаза од бременоста;
- при претходен абнормален цитолошки брис (ASCUS, CIN I, CIN II);
- при присуство на ХПВ промени во брисот.
С.Ш. | Црнобело / фото: freepik.com