Ниско ниво на тестостерон: Кои се најчестите симптоми и може ли да се спречи?
Намаленото либидо и еректилната дисфункција се едни од најчестите симптоми на ниско ниво на тестостерон. Што треба да знаете за оваа појава и може ли да се спречи?
Тестостеронот е главниот полов хормон кај мажите кој контролира важни процеси во телото.
Сепак, кај некои мажи се намалува лачењето на тестостерон, што може да предизвика разни симптоми.
Што е тестостерон и која е неговата функција?
Тестостеронот е главниот полов хормон кај мажите и е клучен за развојот на машкото тело.
Се лачи во тестисите по „наредба“ од сигналите што ги праќа хипофизата, која е сместена во мозокот.
Тестостеронот има влијание врз неколку важни процеси во телото вклучувајќи:
- Развој на машките полови органи
- Продлабочување на гласот за време на пубертет
- Растење на влакната на лицето и половите органи за време на пубертет (подоцна во животот може да има улога и во ќелавењето)
- Растење и зајакнување на мускулите
- Растење и зајакнување на коските
- Либидо
- Производство на спрема
Тестостеронот може да има влијание и врз расположението, а се претпоставува дека има други функции кои досега не се откриени.
Иако е наречен машки хормон, и во женското тело се лачи тестостерон, и тоа од јајниците и од надбубрежната жлезда.
Кај жените, нивото на тестостерон е значително помало, а оптималната рамнотежа помеѓу тестостеронот, естрогенот и другите слични хормони е важна за правилна функција на јајниците.
Што е ниско ниво на тестостерон и зошто се јавува?
Кај некои мажи, тестисите не произведуваат доволно тестостерон. Во тој случај, неговото ниво во организмот се намалува.
Не може точно да се утврди колку е честа оваа појава, но се претпоставува дека околу 2% од машката популација се соочува со ниско ниво на тестостерон.
Генерално, ниското ниво на тестостерон е почесто кај мажи постари од 80 години.
Ниското ниво на тестостерон може да се јави кај секој маж, но генерално е најчесто кај мажи кои:
- Се постари од 80 години
- Имаат прекумерна тежина
- Имаат дијабетес тип 2 за кој не примаат соодветна терапија
- Имаат хронично заболување, како цироза
- Имаат ХИВ/СИДА
Кои се симптомите на ниско ниво на тестостерон?
Симптомите на ниско ниво на тестостерон можат да варираат, најмногу од возраста.
Дел од најчестите симптоми кај возрасни мажи се:
- Намалено либидо
- Еректилна дисфункција
- Паѓање на срамните влакна и влакната под пазувите
- Намалување на тестисите
- Неплодност
- Депресија
- Проблеми со концентрација и сеќавање
- Зголемена тежина
- Зголемено ткиво на градите
- Намалување на мускулните сила и маса