За првпат по 50 години ја има и во Италија – Како да се заштитите од колера?
Се смета дека во модерните земји е целосно искоренета, но сепак по 50 години во Италија беше забележан првиот случај на колера. Што треба да знаете за болеста и како можете да се заштитите?
За првпат во последните 50 години во регионот на Сардинија, во Италија е регистриран случај на заболен од колера.
Станува збор за 71-годишен пензионер кој е задржан на Одделението за заразни болести во болницата Сантисима Тринита.
Италијанските власти веднаш покренаа истрага за да се открие од каде потекнува болеста, а се верува дека пензионерот најверојатно се заразил затоа што консумирал свежи морски плодови.
Дополнително, се проверуваат и сите членови на неговото семејство иако досега не покажале никакви симптоми на заболување.
Што знаеме за колерата и како може да се заштитиме од оваа болест?
Колерата е акутно, инфекциско заболување кое се јавува по консумирање храна или вода заразена со бактеријата vibrio cholerae. Најчесто се јавува во сиромашните региони и области.
Како главен извор на болеста се сметаат бунарите за вода кои може да бидат заразени со бактеријата, а ризикот за проширување на болеста се зголемува во сиромашните заедници, или во области погодени од природни катастрофи и војни, каде луѓето се приморани да живеат на многу мал простор во толпа, без соодветни хигиенски услови.
Освен од бунарската вода, забележани се заразени случаи и од консумирање жива (незготвена) морска храна.
Во земјите каде што има колера, постои опасност од заразување со болеста и доколку консумирате свежо, неизмиено овошје и зеленчук, што се јавува како последица на користење на арско ѓубре во земјоделството.
Во периодот на 19-иот век, светот беше зафатен со пандемија на колера, која од Индија се прошири на територијата на Азија, Африка и Америка, но во последните 200 години со развојот на модерните системи за канализација и водоснабдување се смета дека болеста е искоренета.
Сепак, според податоците на Светската здравствена организација, колерата како болест сѐ уште постои во Африка, Југоисточна Азија и на Хаити.
Кои се симптомите на болеста?
Првите симптоми на болеста може да се јават и 14 дена откако лицето било заразено со бактеријата, но со оглед на тоа што таа се исфрла преку изметот, сепак може да го шират заболувањето преку нечиста вода.
Кај некои заболени, болеста предизвикува слаба или малку позасилена дијареа, што не се разликува премногу од дијареата предизвикана од некои други болести, а кај посериозните случаи може да се јават други силни симптоми:
Дијареа – која настапува ненадејно и може да предизвика огромна загуба на течности (околу 1 литар на 1 час).
Дијареата предизвикана од колера често изгледа бледо и наликува на вода во која бил потопен ориз.
Гадење и повраќање - се појавува најчесто уште од самиот почеток на заболувањето и може да трае со часови.
Дехидрираност - може да се појави само неколку часа по првите симптоми на колерата, а кај пациентите што се мошне дехидрирани најчесто се јавува и раздразливост, замор, сува уста, постојано чувство на жед, сува и набрана кожа. Исто така, дехидрираните пациенти воопшто не чувствуваат потреба за мокрење, имаат низок крвен притисок и неправилно отчукување на срцето.
Дехидрирањето е еден од најсериозните симптоми на болеста, затоа што предизвикува дисбаланс на електролитите и често може да доведе до некои од следните компликации:
Грчења на мускулите - кои се јавуваат како последица на брзата загуба на минерали како натриум хлорид и калиум.
Шок - Ова е едно од посериозните компликации што се јавуваат како последица на дехидрирањето. Се јавува кога малото ниво на крв предизвикува низок крвен притисок и намалување на нивото на кислород во телото. Ако не се третира, шокот може да предизвика смрт за само неколку минути.
Опаѓање на нивото на шеќери - Се јавува кај заболените затоа што не се во состојба да јадат.
Најчесто оваа компликација може да се јави кај децата, а тоа може да предизвика напади, губење свест, па дури и смрт.
Опаѓање на нивото на калиум - Може да го попречи нормалното работење на срцето и на нервниот систем и да биде животозагрозувачко.
Прекин на работата на бубрезите - Често може да се случи кај заболените од колера да има и прекин на работењето на бубрезите, а најчесто потоа следува и шок.
На што треба да внимавате за да се заштитите од болеста?
Ако одите во земја каде што има колера, или воопшто за да се заштите од бактеријата што ја предизвикува треба да ги следите препораките.
Мијте ги рацете често со сапун и вода, или користете средство за дезинфекција пред секое консумирање храна;
Пијте само безбедна вода. Тоа значи дека треба да консумирате флаширана вода или вода што сте ја дезинфицирале и користете прочистена вода и за лична хигиена и за миење на забите;
Вообичаено топлите пијалаци се безбедни како и соковите од лименки и шишиња, но задолжително треба да им ја дезинфицирате амбалажата пред да ги отворите;
Исто така, не додавајте мраз во пијалакот, ако не сте сигурни дали е направен од чиста вода;
Избегнувајте храна од улични продавачи;
Избегнувајте суши и друга морска храна што не се готви;
Секогаш бирајте овошје и зеленчук што се лупи, како банани, портокали и авокадо, а избегнувајте грозје или шумско овошје.
Б. С. Б. | Црнобело/ фото: freepik.com