8 промени на телото кои треба да ги очекувате по породувањето
Паѓањето на косата, но и контракциите, се нормални промени кои се случуваат со женското тело по породување. За кои други промени треба да бидете подготвени?
Женското тело трпи огромни промени во текот на бременоста, а овие промени продолжуваат и по породувањето.
На почетокот, дел од нив можат да ви изгледаат и страшни, па затоа е добро да бидете информирани за нив.
За секој симптом и секоја промена што ќе ја почувствувате, најдобро е да разговарате со вашиот лекар.
Осум промени кои можете да ги очекувате:
Контракции
Немојте да се изненадите ако и по породувањето чувствувате контракции и болка во долниот дел од стомакот.
Во повеќето случаи, овие контракции траат од седум до десет дена, а се најизразени во првите два-три дена по породувањето.
Не се болни колку контракциите при породување и повеќе наликуваат на менструални болки.
Доколку чувствувате многу силна болка, секогаш е добро да се консултирате со вашиот гинеколог.
Мајчино млеко
Секако дека го очекувате мајчиното млеко откако ќе се породите. Во првите денови по породувањето ќе се лачи многу помало количество и тоа е нормално.
Лачењето ќе се засили околу петтиот ден.
Важно е да го следите лачењето на млекото и доколку имате некакви проблеми, да се консултирате со лекар.
Хормонални промени
Хормоналните промени се случуваат не само во бременоста, туку и по породувањето и важно е да бидете свесни за нив.
Откако ќе се породите, почнува да се намалува нивото на естроген и прогестерон. Од друга страна, се зголемува нивото на окситоцинот и пролактинот.
Хормоналните промени може да имаат влијание и врз расположението – да ве направат анксиозни, раздразливи, па дури и депресивни.
Ако чувствувате значајни промени во расположението, не двоумете се дали да побарате помош од професионалец.
Вагинален исцедок и крвавење
Вагиналниот исцедок е нормална појава која може да трае неколку недели по породувањето.
Исцедокот обично е измешан и со крв – во првите два-три дена може да има темно или светлоцрвена боја.
Во овој период најверојатно ќе треба да носите и менструални влошки.
По околу една седмица, исцедокот станува посветол.
Стомаче
Важно е да знаете дека ќе имате стомаче извесен период по породувањето. Односно, вашиот стомак нема да „спласне“ веднаш откако ќе се породите, и ова е сосема нормално.
На телото му треба време да закрепне од бременоста која ги истегнува кожата и мускулите во областа на стомакот.
Исто така, сосема нормално е да имате и вишок килограми по бременоста и немојте да се чувствувате лошо ако ви треба време да се вратите во форма.
По породувањето не треба да се форсирате со диети и напорни тренинзи. Во овој случај, најдобро е да се консултирате со лекар кој ќе ви каже кои вежби се соодветни за вас.
Ноќно потење
Поради хормоналните промени, многу жени се сочуваат со ноќно потење по породувањето.
Ова е нормален симптом кој со текот на времето ќе се нормализира, па само треба да бидете трпеливи.
Сепак, ако ноќното потење е придружено и со треска, добро би било да се консултирате со лекар.
Зголемено лачење на „хормонот за љубов“
Веќе спомнавме дека по породувањето се зголемува нивото на окситоцин. Ова е хормон кој неретко е нарекуван и хормон за љубов.
Интересно е што окситоцинот ги поттикнува контракциите за време на породувањето, но истовремено го намалува стресот и ја зголемува толеранцијата на болка.
Покрај тоа, ова е хормонот кој помага во поврзувањето помеѓу мајката и бебето.
Паѓање на косата
Ова е промена која може да биде застрашувачка за жените, особено ако не се свесни за неа.
Паѓањето на косата е најизразено околу четири месеци по породувањето. По околу една година, косата би требало да се врати во нормала.
Ако косата продолжува да ви паѓа по овој период, консултирајте се со лекар.
Спирова С. | Црнобело