Мартина Михајловска за стилот и убавината: „Не правам козметички третмани на лице, никогаш не сум облекла тренерки“
„Јас сум голем гурман и во последно време знам на најблиски да им зготвам некој специјалитет. За моја среќа, досега не сум се водела по строги режими и диети за исхрана, јадам буквално сè“, вели моделот Мартина Михајловска и ни ги откри своите тајни за нега и убавина.
Мартина Михајловска (26) долги години е дел од нашата јавна сцена. Таа е модел, кој извесен период работеше и како водителка на естрадниот магазин „Бекстејџ“.
Во тоа време, но и денес, многумина ја споредуваат со една од најубавите жени во светот, Ева Мендез.
Мартина, која е сè уште во своите дваесетти години, има две деца и изгледа одлично.
Вели, освен генетиката, активностите околу децата и прошетките со нив ѝ помагаат да ја одржува линијата, до толку што не мора да оди во теретана.
За своите навики поврзани со исхраната, стилот на облекување и негата на лицето и телото, Мартина ни раскажа низ разговорот за CRNOBELO.com:
Стил на облекување
„Се мислам како точно и прецизно да го опишам мојот стил на облекување.
Иако сум сè уште млада, низ годиниве со самото созревање, животното искуство и околностите, стилот често ми се менува и трансформира, секако, во зависност и од пригодата и расположението.
Сакам елегантен, класичен стил кога налага моментот, но во секојдневието дефинитивно можам да кажам дека секогаш се враќам на оние лежерни, удобни, безвременски парчиња, каде се чувствувам најпријатно.
Следам и сакам мода, најчесто и одбирам гардероба што е суптилно забележана и остава впечаток - дали е тоа фустан со гол грб или некој добар џинс, парчиња што се уникатни изработени од артисти, некоја добра чанта или чевли и аксесоари како накитот кој е секогаш дел од мене.
Па така, спротивно на сè ова, нешто што никогаш досега немам облечено ниту купено се тренерки. И не верувам дека некогаш ќе ги засакам.
Од спортска гардероба веројатно можам да издвојам само некој дуксер и хеланки“.
Нега на лицето и телото
„Искрено, не сум од оние што практикуваат козметички третмани за лице.
А, и досега не сум имала некој проблем, па затоа можеби и немам некој посебен режим околу тоа.
Практикувам редовно и темелно чистење со маслена купка која е наменета за целото тело како и за лицето.
Секако, користам и крем за дневна и ноќна употреба.
Тоа за мене е некоја секојдневна и едноставна рутина за нега на лице и тело, која подолго време не сум ја променила“.