Баба Ратка (78) од Куманово се подмлади со шминка благодарение на внуката: „Дедо ми ми кажа дека е преубава“
Баба Ратка (78) од Куманово стана инспирација за жените на нејзина возраст, откако внуката Даниела ја нашминка и разубави, а видеото потоа го објави на својот профил на Инстаграм.
Даниела Георгиевска веќе 2 години има свој салон за шминкање во Куманово. Инспирирана од жените на различна возраст кои доаѓаат да ги нашминка, таа решила да ѝ предложи и на својата баба да направат видео во коешто ќе се гледа процесот на трансформација со шминка.
За CRNOBELO.com Даниела вели дека не очекувала толку позитивни коментари од јавноста и од нејзините пријатели кои го споделуваат видеото на Инстаграм.
Таа ни откри и дека нејзината баба не се шминкала многу во животот и секогаш преферирала минималистичка шминка, но дека била воодушевена од вештачките трепки.
„Шминкам различни типови жени на различна возраст. Идејата да ја нашминкам баба ми ја добив сосема случајно, бидејќи сите видеа што ги објавувам се од прилично помлади девојки.
Сакав да нашминкам повозрасна жена и да ја видам нејзината реакција и како ќе соработува со снимање на видеото.
Кога ја прашав баба ми, која цел живот била просветен работник, а сега е во пензија, прифати без размислување.
Многу ни беше забавно тој ден. Таа е природно убава и обично не се шминка, само во посебни пригоди, а и кога ќе се нашминка тоа е нешто најминимално и најнежно.
Затоа, најмногу обрнав внимание на подготовката на кожата, бидејќи се работи за повозрасна жена и ја нашминкав минималистички.
Кога се погледна на крајот во огледало беше воодушевена и изненадена од нејзиниот изглед, а најмногу ѝ се допаднаа вештачките трепки.
Ми кажа дека сите етапи од животот ѝ биле убави, но дека токму во тој момент е најубава благодарение на нејзината внука.
Додека се шминкавме, друштво ни правеше и дедо ми. Тој цело време ја гледаше со љубов и трпеливост за да го види крајниот резултат.
И тој ја пофали, но кажа дека таа за него ќе е секако најубава без разлика што носи и како ќе е нашминкана“, вели Даниела за CRNOBELO.com.
Таа ни откри дека љубовта кон шминкањето ја има одамна. Прво цртала слики, па така почнало да ја интересира и шминкањето.
„Најпрвин ги шминкав дома најблиските, а во меѓувреме студирав безбедност и држев часови за танц. Но, потоа ми дојде идеја да отворам свој салон за шминкање.
Иако го завршив Факултетот за безбедност, не работам по струка, бидејќи шминкањето ми е покреативно и поинтересно“, додава таа.
Погледнете го видеото од шминкањето на баба Ратка:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело