5 продукти за нега на лице што ја прават кожата мазна и чиста, според дерматолог
Серумот со витамин Ц, но и кремот со заштитен фактор се едни од најважните продукти за лице со кои ќе ја направите кожата мека и мазна.
Кристофер Томасин од Калифорнија е дерматолог кој на својот ТикТок профил споделува видеа за нега на кожа.
Истовремено, тој зборува и за најчестите митови за нега на кожа и пробува да се избори со дезинформациите поврзани со оваа тема.
Профилот на Кристофер го следат речиси 2 милиони корисници, а тој има и своја ординација во Калифорнија.
Неодамна докторот сподели видео на ТикТок во кое открива кои продукти треба да ги користиме за да ја подобриме текстурата на кожата.
Доколку имате проблематична кожа, консултирајте се со дерматолог пред да ги пробате продуктите што ги препорачува докторот.
Истовремено, немојте наеднаш да почнете да ги користите сите продукти, туку постепено воведувајте ги во вашата рутина.
Ако забележите иритација или друг несакан ефект од кој било продукт, престанете да го користите.
Кои продукти ќе ви помогнат да ја подобрите текстурата на кожата?
Витамин Ц
Кристофер препорачува да користите серум со витамин Ц секое утро.
Овој серум ја хидрира кожата, го намалува црвенилото и го поттикнува производството на колаген.
Исто така, ја штити кожата од штетните сончеви зраци.
Генерално, серумот со витамин Ц е погоден за секаков тип кожа.
Нијацинамид
Навечер користете серум со нијацинамид.
Нијацинамидот е всушснот витамин Б3 и ја прави кожата поздрава и помазна.
Исто така, може да ја намали појавата на акни, а и ризикот од несакани ефекти е многу мал.
Ретинол
Кристофер советува да користите и серум со ретинол, но само трипати неделно. Ако го користите почесто, може да ја иритирате кожата.
Ретинолот е вид витамин А и обично се користи за акни и намалување на појавата на брчки.
Ретинолот ги чисти порите и го зголемува производството на колаген.
Исто така, ретинолот може да ја намали и видливоста на лузни од акни. Сепак, доколку лузните се големи и длабоки, серумот со ретинол нема да биде од голема помош.
Пред да почнете со употреба на ретинол, препорачливо е извесен период да го тестирате на мал дел од кожата. Исто така, секогаш нанесувајте го навечер бидејќи ја прави кожата почувствителна на УВ зраци.
Хемиски пилинг
За разлика од продуктите за пилинг со гранули, хемискиот пилинг е подобар за кожата.
Гранулите можат да предизвикаат мали рани, па дури и да се заглават во порите. Од друга страна, хемиските пилинзи содржат киселини кои ги отстрануваат мртвите клетки од кожата.
Кристофер препорачува да користите хемиски пилинг еднаш неделно.
Хемиските пилинзи се продаваат во форма на серуми, а најдобро е да користите со млечна киселина или гликолна киселина.
Обично серумот се остава да делува 10-тина минути, и потоа се плакне. На амбалажата од продуктот можете да најдете детално упатство.
Ако не сте сигурни кој хемиски пилинг да го користите, најдобро консултирајте се со дерматолог.
Крем со заштитен фактор
Ова е можеби најважниот продукт на листата.
Овие кремови ја штитат кожата од сонцето, а со тоа го намалуваат ризикот од рана појава на брчки, па дури и рак на кожата.
Кремот треба да го нанесувате секојпат кога изглегувате од дома. Ако сте цел ден изложени на сонце, нанесувајте го на секои два часа.
Спирова С. | Црнобело