Кавијар од Русија, прослава во Замбија – Младоженци платиле 3 милиони долари за „свадбата на годината“ (фото)
Прослава во најскапиот хотел во Замбија, фотосесија со жирафи, појадок со кавијар од Русија и вино од Франција, две венчаници од познати дизајнери, гости донесени со приватен авион – милионерката Марија не штедела за нејзината „свадба на годината“.
Марија Солодар е познат модел од Русија, а работи и како Инстаграм инфлуенсерка и има над 3 милиони следбеници. Сега Марија стана позната и како жената од Русија што ја направила „свадбата на годината“.
Приказната за „свадбата на годината“ ја пренесе рускиот медиум Комсомольская Правда и според нивните информации, за свеченоста Марија одвоила неверојатни 3 милиони долари.
30-годишната инфлуенсерка се венчаше со нејзиниот 33-годишен партнер Џоан кој е бизнисмен од Франција, а свадбата се одржа во Африка.
Церемонијата се одржала во еден од најскапите хотели во Африка, Royal Livingstone, кој се наоѓа во Замбија. Во близина на хотелот се наоѓаат познатите Викториините Водопади, па гостите навистина имале глетка за уживање.
Целата прослава траела пет дена, а покрај класичната венчавка, во „програмата“ биле вклучени моминска и ергенска вечер, вечера со африкански специјалитети, возење кајак, сафари и, нормално, огромна забава.
Сè што било потребно за свадбата – од декорации, до храна – било донесено од Русија со приватни авиони, а младоженците обрнале внимание на сите детали.
На пример, ќебињата со кои се покривале гостите навечер биле извезени со иницијалите на Марија и Џоан.
Од Москва бил донесен и цел тим за работа (околу 200 луѓе), како келнери и готвачи, а младоженците го организирале и превозот на гостите со приватен авион. За превозот, младоженците платиле околу 320.000 евра.
Дури и дел од техничката опрема бил донесен со приватен авион од Русија.
Гостите ги забавувале некои од најпознатите изведувачи од Русија, за кои младоженците одвоиле околу 150.000 евра.
Марија и Џоан не штеделе ни за храната, па нивните гости имале можност да уживаат во кавијар, оброци приготвени од познат готвач од Русија и скапи вина. Дел од вината биле донесени од Франција.
Марија носела две венчаници од познатите дизајнери Вера Ванг и Зухаир Мурад – едната за церемонијата, а другата за забавата.
„Многумина велат дека ова беше венчавката на векот, но јас би рекла дека ова беше авантурата на векот.
Никогаш не сум сакала спектакуларна венчавка. Дотерувањето и шминкањето не се мој стил. Кога купував венчаница, ја избрав првата што ја видов, а втората ја зедов без да ја пробам“, вели Марија, нагласувајќи дека направиле огромна прослава само за да го обединат семејството.
Бидејќи сепак станува збор за огромна организација, Марија открива дека не поминале без проблеми.
„Треба талент за да се направи цела прослава од ништо во пустина. Дури и кога имаат празници, во Замбија не прават вакви прослави.
Имавме проблеми на граница - кујната и опремата за готвење беа три дена на граница и пристигнаа само три часа пред прославата.
Донесовме буквално сè. Организиравме појадок со кавијар од Русија, сирења и најдобрите вина од Франција, имавме готвачи, мејкап артисти. Сите гости си имаа свој стил, а секој ден имавме посебен кодекс на облекување. Имаше многу работа“.
Марија, која е родена во Украина, ја почнала кариерата продавајќи чанти и ранци на пазар во родната држава. Потоа се преселила во Русија, почнала да работи како модел и инфлуенсерка и веќе „тежи“ неколку милиони.
Наводно, со сопругот се запознале во Дубаи.
Повеќе фотки од свадбата на Марија:
Спирова С. | Црнобело