Младоженци ќе организираат свадба со облека и украси купени на старо – фотосесијата ја направиле во продавница за домаќинство (фото)
Факт е дека за венчавки се трошат огромни суми пари и обично младоженците сакаат сè да е ново – од облеката што ја носат, па сè до украсите и декорациите. Но еден пар од САД решил да направи венчавка само со облека, украси и слично купени на старо, а свадбената фотосесија ја направиле во познатата американска продавница за домаќинство и облека Goodwill.
26-годишната модна блогерка Алисон Кели и нејзиниот вереник Џејк ќе се венчаат во август годинава, а за прославата ќе користат само предмети купени на старо.
Алисон и Џејк се запознале на факултет, почнале да се гледаат кратко откако дипломирале, а се вериле минатата есен. Венчавката, пак, ја закажале за август 2021-ва.
Младиот пар е заедно околу пет години, а пред три години се преселиле во Висконсин. Тој период Алисон почнала да работи во Goodwill, а неодамна ѝ дале задача да смисли рекламна кампања за продавницата.
Кога маркетинг директорот ѝ предложил да направи неколку свадбени фотки во продавницата како дел од кампањата, Алисон помислила дека може да го искористи ова за нејзината свадбена фотосесија.
„Најпрво требаше да ме фотографираат само мене, но си помислив: Што ако дојде и Џејк? Ми требаше време да го убедам“, открива Алисон.
Кога Џејк се согласил, тие ја направиле фотосесијата во 7 часот наутро, во „најобичен вторник“:
„Имавме замислено неколку фотографии. Ние бевме единствените луѓе во продавницата и беше навистина забавно“, вели Алисон.
Алисон вели дека планираат да направат и потрадиционални фотографии за свадбата, но фотосесијата во продавницата ја открива „забавната страна на нивната врска“.
Скоро целиот живот Кели купувала работи на старо. Кога почнала да се гледа со Џејк, постепено и него го „навлекла“ на ова, па сега и тој скоро секогаш купува облека и предмети на старо.
Поради ова, младиот пар одлучил дека најдобро е да ги купат на старо и работите што ќе им требаат за свадбата.
„Не можам да си замислам друг начин. Сакам нашата венчавка да биде што е можно поразлична. Сакам да биде забавна и да ги натера луѓето да помислат ’Ова би го направиле само Алисон и Џејк‘“.
До свадбата младиот пар има уште неполни два месеца, а досега купиле свеќници, држач за торта и вештачко цвеќе за декорација. Тие купиле и необични фигури за нивната свадбена торта – диносауруси „дотерани“ како момче и невеста.
Алисон се надева дека нејзината венчавка ќе ги натера луѓето почесто да купуваат работи на старо, но и да ја ослободат нивната креативност.
„Сосема е во ред да не бидете традиционални на вашата венчавка – не постои книга со правила. Кога станува збор за венчавки, некогаш луѓето сметаат дека мораат да направат нешто на одреден начин, бидејќи сите отсекогаш го правеле тоа. Но, јас и Џејк сакаме да го покажеме нашето вистинско јас“.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:




