8 работи околу свадбите за кои на гостите НЕ ИМ Е ГАЈЛЕ

Планирањето свадба е прилично стресна работа. Долга листа на обврски кои треба да ги реализирате со цел да имате забава од соништата. Простор, декорации, музика, фотограф, торта, облека.

8-raboti-za-koi-na-gostite-ne-im-e-gajle-za-vreme-na-svadbi-01.jpg

Веројатно имате табла на Pinterest каде што постојано зачувувате фотки од гореспоменатите работи за кои верувате дека се многу важни за свадбата да биде успешна.

Но, еве една прилично разочарувачка, но вистинита изјава: на вашите гости апсолутно нема да им биде гајле за повеќе од половина од работите за кои губите време и нерви, а бога ми трошите и многу пари.

Погледнете кои нешта им се неважни на гостите кога станува збор за церемонијата наречена свадба:

Покани

Може да потрошите 5 денари или 150 денари на една покана, на гостите им се толку неважни што секоја нервоза поврзана со правењето покани е неоправдана.

Дури и да им испратите електронска покана на мејл ќе биде прифатливо. Гостите ги интересира само местото и времето на приемот. Никому нема да му значи содржината на текстот, фонтот или дизајнот на поканата.

Никому нема да му биде гајле за розовите машнички или чипката на самата покана, колку е прекрасна, уникатна или елегантна. Таа секако завршува во корпата за ѓубре.

Цвеќиња и декорации

Дали се сеќавате какви декорации имавте на масите за гости на вашата свадба? Вашите гости се сеќаваат уште помалку. Тие всушност немаат поим дали сте имале гербери или рози на масите и дали имало една голема свеќа со 3 мали свеќички околу неа или обратно.

Чаршафи и „облечени“ столчиња

Вие можеби сте во агонија што чаршафите и столчињата не се складни според боите или што столчињата се „голи“, а вие сакавте да имаат соодветни навлаки и огромни машни што ќе одговараат со теписонот или ентериерот во просторијата.

Сé додека гостите не јадат на валкан чаршаф, а столчињата не се неудобни или не почнат да се клатат и кршат, нема да имате никаков проблем.

Невестинскиот фустан

Некој има желба да потроши 200, а некој 2.000 евра на венчаница. И тоа е сосема во ред, секој со желбите и можностите. Сепак, еве една прилично горчлива вистина – никому не му е гајле за невестинскиот фустан. Да, сите ќе го видат и можеби ќе прокоментираат, но тука завршува целата приказна.

Ќе го заборават утредента, нема да го земат со себе дома. Не им значи ништо. Најважно е фустанот да биде удобен и пријатен за носење, не да се купи или носи со цел да се импресионираат други луѓе. Затоа што на нив не им е гајле за тоа.

Првиот танц

Скоро никој не обрнува внимание на овој дел, освен родителите, нормално. Поголемиот дел си чепкаат во телефоните или се надвор на цигара. Останатите чекаат да се приклучат поскоро на подиумот за играње.

Единствениот начин како вашиот прв танц може да биде запаметен е – ако е премногу лош. Лоша кореографија и лошо танцување. Уживајте во моментот, не се грижете за некаква увежбана кореографија или танчарски движења кои не ги чувствувате природно.

Тортата

Ви требаше една недела да одлучите за вкусот и декорацијата. Дали да биде со шлаг или фондан, дали да има ореви или лешници. Бел или црн фил. Всушност, невестинската торта е толку надмината и преценета работа. Најчесто има десерт после вечерата, па скоро и никој не сака да оди по парче торта.

Има толку многу поинтересни креативни идеи за слатки нешта отколку невестинската торта. Да не зборуваме колку е мачно сечењето на 200 парчиња торта додека сте во фустанот, а луѓе се буткаат околу масата.

Невестински бонбончиња

Овие одат рака по рака заедно со тортата. Чинат ѓавол и половина, а се тотално неупотребливи (освен ако не сте од оние кои ги колекционираат во огромна кутија под креветот).

Сите ги имаме на свадбите, а ни самите не знаеме зошто. Само знаеме дека цената им е неоправдана и парите може да се употребат за нешто многу попаметно.

Или ве потсетуваат колку ве болеле рацете и сте се испрепотиле додека сте врзале 250 машничиња на малите кутичиња со бонбони.

Фрлање букет

Освен немажените девојки на никој друг не му е гајле за оваа традиција. Па дури и ним им е дојдено преку глава кога ги буцкаат сосила да одат и да се наместат во ред за фаќање на букетот.

Тоа одбројување е прилично агонизирачко, а одзема и прилично време за играње. А најлошото нешто? Кога невестата вади друг резервен букет или бидермаер и го фрла тој, наместо оригиналниот невестински (затоа што сакала да си го чува за спомен).

Кога веќе ги малтретираш гостите со оваа традиција, направи ја како што треба.


Досега сигурно се запрашавте – добро, па за што им е гајле на гостите кога одат на свадба?

Без гајле, има и прилично важни свадбарски работи за кои гостите навистина се грижат:

Храна

Да, секој ужива во предјадењето и главното јадење. Факт. Секому му е важно што ќе има за јадење, начинот на кој е сервирано, дали јадењето е свежо, топло и добро зготвено. Никој нема да ви прости за ладно парче месо и неинвентивни сомнителни 4 компирчиња во чинијата.

Вкусната храна го подобрува расположението и позитивните вибрации на веселбата. Гостите особено го ценат фактот доколку има опција за вегетаријанци или оние што постат.

Пијалаци

Да ги има во изобилство и да има прилично голем број на опции кога станува збор за пијалаците. Опцијата коктел-бар е секогаш дочекана со воодушевување. Да бидат грч ладни и да не мора да ги чекаш 15 минути, што нé носи до следната важна точка:

Услуга

Кој сака да го чека келнерот по 15-20 минути да донесе пијалак или кафе? Услугата е една од поважните работи за време на свадба, секој сака да биде брзо и квалитетно услужен. Тоа е една од важните работи кои сите ги паметат.

Музика

Да, еве го најважниот дел на една свадба – музиката. Таа ја прави или ја расипува целата свадба. Ако музиката е лоша и свадбата ќе биде неуспешна. Луѓето сакаат да се веселат и да играат, па знајте си ја „публиката“ и погрижете се да има добра музика за сечиј вкус.

Просторот и локацијата

Локацијата им е особено важна на сите гости. Дали треба да одат со сопствен автомобил или може да си земат и такси за да се опуштат малку повеќе и да не се грижат за враќање дома во доцните часови кога треба да возат.

Колку е блиску или далеку од центарот на градот? Има ли паркинг? Дали е на отворено или затворено? Многу прашања кои ги интересираат сите гости.

Расположението на гостите и младоженците

Има ли насмевка на секое лице во салата? Колку била свадбата весела, дали парот играл и се веселел или седеле тмурно во едно ќоше?

На крајот од денот единствено важно е колку свадбата била весела, колку се играло и пеело и колку младоженците се радувале заедно со гостите.

Впрочем, тоа е сé што останува, споменот од една весела свадба.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Кул идеи како да подарите пари за свадба, а да не бидат во класично плико (фото) Кога сакате да подарите пари на младенците за свадба, но премногу ви е клише тоа...
„Јас сакам свадба со 10 гости, а свекрвата веселба со прием во ресторан – Како животот со партнерот ... „Свекрвата настојува да направиме голема свадба и веќе ѝ рековме дека не сакаме....
35 фризури за свадба за невести кои немаат идеја (фото) Фризурата за свадба е од големо значење за секоја невеста – како се замислувате ...
Идеи за живописни бидермаери ако вашата свадба е во есен Рози во комбинација со суви цветови, трева во повеќе нијанси, далии, хризантеми ...
5.000 гости, 10-дневна прослава: Како изгледа свадбата на синот на најбогатиот султан на светот? На главната забава биле поканети 5.000 гости, а со сите церемонии, свадбата ќе т...
Комбинации на бои кои ќе ја направат совршена вашата есенска свадба Есента со себе носи многу промени и нови почетоци, а ако сте од оние парови кои ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg