Необични свадбени и брачни обичаи од Србија: Сопругот се преправа дека е „бремен“, свекрвата танцува на поткровје
Маж глуми трудница, свекрвата танцува на поткровјето... Ова се само дел од обичаите кои се почитуваат во некои делови Србија. Дел од овие традиции повеќе не се следат, но вреди да се спомнат.
Најинтересни српски обичаи се оние кои се изведуваат на свадбите. Дел од овие традиции и обичаи повеќе не се применуваат, но сепак вреди да се спомнат.
Неготинскиот крај е препознатлив по „црната свадба“. Во Војводина, пак, свадбите се одржувале само претпладне.
Пренесувајќи се од колено на колено, некои од обичаите се применуваат и денес. За повеќето има малку сознанија за нивното потекло, но сепак се почитувале со години и децении.
Дел од најинтересните свадбени и брачни обичаи во Србија:
Лажна трудница
Некогаш се верувало дека бремените жени биле цел на демони и зли сили.
За да ги заштити својата сопруга и детето, сопругот се преправал дека е „бремен“.
Неговата единствена задача била да лежи, додека остатокот од домаќинството му носи храна и се грижи за него, додека неговата сопруга го крие фактот дека е бремена.
Купување невеста
Кога ќе дојде моментот младоженецот и сватовите да ја изнесат невестата од нејзината куќа, обичај било да се ценкаат со нејзиното семејство. Односно, да ја платат „цената на невестата“ која секогаш била многу висока.
Интересен е податокот дека принцот Александар Караѓорѓевиќ во 1846 година издал наредба која гласела: „Барањето и давањето пари и злато за девојка се укинува како обичај кој е спротивност на човековото достоинство“.
Со тоа овој обичај бил укинат, а денес од него останале само шеги во вид на симболично откупување на невестата. И во некои делови од Македонија има слична симболична традиција.
Фрлање на сито и јаболко
Кога ќе пристигне во својот нов дом, невестата мора да фрли жито преку сито меѓу луѓето, а потоа ситото да го фрли на покривот на куќата.
Се верувало дека бракот ќе успее ако ситото кое го користи се чува на покривот.
После ситото, се фрла и јаболко кое е симбол на здравје и плодност.
Подигање бебе
Невестата зема во раце дете на возраст до една година и трипати го крева за да има здрави машки деца.
Мртовечка свадба
Ова е повеќе погребен обичај, но вклучува и свадба, барем донекаде.
Мртовечката свадба е и мотив кој долго време се провлекувал низ народната литература.
Имено, кога некој млад човек или жена ќе починат, а притоа никогаш не се венчале, им се приредува посебна погребна церемонија.
Доколку почине момче, неговите роднини го облекуваат во свечен костум и му ставаат бурма на раката. А, ако е девојка, ја облекуваат во венчаница.
Порано се верувало дека душите не можат да одат „на другиот свет“ доколку не се венчаат на овој свет.
Пренесување на невестата преку прагот
Кога невестата се сели кај младоженецот, ред е тој да ја префрли преку прагот носејќи ја во раце.
Корените на овој обичај се наоѓаат во српската паганска традиција.
Имено, се верувало дека нашите предци, старите Словени, ги закопувале мртвите под прагот, па пренесувањето на невестата преку прагот не го навредува гробот на предците.
Свекрва на поткровје
Обичајот свекрвата да танцува на поткровјето е древен ритуал, и има длабоко вкоренето културно значење.
Овој обичај се изведува ден по свадбата.
Додека невестата го врзува јазолот пред ручекот, свекрвата се качува на поткровјето над кујната, танцува и пее, а со тоа ја воведува невестата во нејзиниот нов дом.
Свадбениот танц има ритуална цел - невестата се воведува во семејството на младоженецот, слично како што според старите верувања, боговите низ игра го создале светот.
Душите на предците од двете страни учествуваат во свадбениот обред, а се повикуваат низ танц, понуда за ручек или директно обраќање.
С. Ш. | Црнобело / фото: pixabay.com, Јутјуб