Психолог со совети за родители на тинејџери: „Зошто не треба да ги ставате вашите деца под казна?“
Ако се соочувате со лошо однесување од децата, можеби треба да промените нешто кај себеси за да го подобрите односот. Можеби треба да сфатите што е тоа што ве тера постојано да го ставате детето под казна, иако знаете дека тоа нема ефект и казните може да бидат контрапродуктивни.
Нема седење на компјутер, нема излегување цел викенд, нема да го добиеш тоа што си го барал... Речиси сите во еден период сме се соочиле со казна од родителите, или сме изрекле некоја казна како родители. Но, дали лутината е единствена причина за родителите да изречат некоја казна?
Велат дека казните за децата не само што не се добри, туку може да бидат и контрапродуктивни, односно да го поттикнат лошото однесување кај детето.
Психологот Кирили Смaут која работела со деца и тинејџери повеќе од 20 години на својот блог, споделува неколку важни и корисни упатства за родителите на тинејџери како подобро да се справат со сопствените емоции и да го подобрат односот со своето дете.
Не, не е лутината единствена причина зошто родителите сакаат да казнуваат, постојат повеќе други емоции што може да го натераат родителот да дели казни.
Ако сте родители, застанете и размислете добро која е емоцијата што ја чувствувате и обидете се прво сами да се справите со неа, за да може да донесете рационална одлука за тоа што треба да го направите и да го подобрите односот со вашето дете.
Можеби некогаш е потребно да промените нешто кај себеси за да го подобрите однесувањето на вашето дете.
Ова се трите најчести емоции со кои се соочуваат родителите кога изрекуваат казни.
Страв
Кога тинејџерите и децата се однесуваат неодговорно или на начин што не им се допаѓа на родителите, кај родителите веднаш се јавува страв за нивната иднина.
„Мора да научи дека така не треба да прави за да не се соочи во иднина. Ако не научи сега никогаш нема да научи“ – ова е помислата што честопати ги води родителите кога изрекуваат казни.
Според нив, казната е добар начин детето да научи дека не треба да се однесува неодговорно.
Чувство на неправда
Кога децата се однесуваат несоодветно, родителите чувствуваат огромно чувство на неправда.
„Направив сè за нив, а тие вака ми враќаат. Заради тоа што се такви, јас не можам ништо да направам. Заради нив се чувствувам повредено, уморно. Ова не е фер“ – со ваква помисла се соочуваат некои од родителите што сметаат дека е добро на детето да му вратат соодветно и притоа да му го одземат она што тоа најмногу го сака.
За детето да сфати како се чувствуваат и родителите.
Срам
Лошото однесување на децата може да направи родителот да се чувствува засрамено.
„Сите ќе помислат дека сум лош родител, ќе мислат дека тој/таа е лошо дете. Треба да бидам построг со нив, не сакам да мислат дека немам контрола врз моите деца.“
Оваа помисла е карактеристична за родителите што се срамат од однесувањето на нивните деца.
Беспомошност
Ако чувствувате дека сте потрошиле премногу напори за да го подобрите однесувањето на вашето дете, а тоа не се менува, тогаш нормално е да се чувствувате беспомошно.
„Не знам што да правам. Направив сè, а ништо не функционира. Не знам како да го променам“ – ова е помислата што често им минува низ глава на родителите што се чувствуваат беспомошно.
Следен пат кога ќе почувствувате потреба на детето да му дадете некаква казна со која ќе му ги повредите чувствата и можеби ќе го поттикнете уште повеќе да се однесува лошо, обидете се да размислите што е она што ве тера да се однесувате така.
Дали се чувствувате исплашено, засрамено, беспомошно или чувствувате дека ви е нанесена неправда?
Откако ќе утврдите како се чувствувате, тогаш најдобро е да поразговарате со своето дете и да ви помогне да го решите сопствениот проблем.
Можеби патот за подобрување на однесувањето на вашето дете е преку промените што ќе ги направите кај себеси. Наместо да наредувате детето да престане со лошото однесување, можеби подобро е да побарате негова помош?
Б. С. Б. | Црнобело