Совети за новите мајки: Што може да очекувате во првите денови откако ќе го донесете бебето дома?
Долгоочекуваниот момент е денот кога ќе зачекорите во својот дом заедно со вашето бебе. Каква авантура ви престои освен бурните и непроспиени ноќи? Како да се подготвите за предизвикот кој следува?
Само што се породивте и сметате дека сте го поминале најтешкото, но, пред вас е едно сосема ново искуство на кое ќе треба брзо да се прилагодите.
Во продолжение погледнете неколку корисни совети што ќе ви помогнат да знаете што може да очекувате во првите неколку месеци од животот на вашето малечко.
Припрема на спалната соба
Можеби ќе треба да направите одредени модификации во вашиот простор за новиот член на семејството. Доколку просторот дозволува, освен креветчето со наместена постелнина, пожелно е да имате обезбедено подлога за пресоблекување која може да ја купите во сите продавници за бебешки работи.
На тој начин ќе си олесните самите на себе. Секогаш имајте на дофат тоалета со наредени пелени, влажни марамици, креми за нега. Гардероберот на бебето треба да е со средени испрани и изпеглани алишта, постелнина, пешкири.
Подгответе се и вие за оваа нова епизода од животот со гардеробер кој ќе изобилува со комотна облека за вас, фустани и пижами за доилки кои имаат многу практична примена особено во ноќните часови.
Вашата тоалетна масичка нека биде подготвена со влошки за гради, крема за стрии и лузни, пумпа за одмолзување, удобна фотелја каде што со помош на перница за доење ќе го олесните овој процес кој бара многу време и релаксирана средина.
Посета од патронажна сестра
Во првите денови очекувајте повик за најавена посета од патронажна сестра.
Таа ќе може да ви даде корисни совети околу негата на бебето - процесот на нега на папочето, појавата на жолтица што ја имаат 80% од новороденчињата, начинот на кој треба да доите (особено доколку имате проблем и треба да користите силиконски брадавици), за вашата лична нега (зависно дали сте имале природно породување или операција со царски рез).
Бидете слободни да ја прашате сѐ што ве интересира затоа што сигурно ќе имате многу прашања.
Побарајте помош од најблиските
Особено е важно да имате некој кој ќе ви помогне полесно да се прилагодите на промените во првите 2-3 недели додека се опоравите во целост и застанете на нозе.
Не се срамете да побарате помош, тоа не ве прави лоша мајка, туку едноставно ќе ви олесни да го пребродите полесно опоравувањето и напливот на хормони.
Ќе бидете благодарни кога ќе имате некој да зготви ручек, или да пушти машина додека вие се одморате.
Просторен амбиент
Во прво време обезбедете простор каде што клима уредот нема да биде директно поставен, но сепак ќе одржува некоја температура помеѓу 19 -22 степени која се смета за иделна за вашето бебе.
Може да вклучите прочистувач и навлажнувач на воздух кој е особено важен во зимските периоди. Пригушено светло и класична музика или white noice ќе овозможи вашето бебе спокојно да спие.
Здрава храна и одмор
На вашето мени потребно е да има намирници кои нема да предизвикуваат грчеви и гасови кај бебето.
Тоа подразбира привремено откажување од цитрусно овошје, јаткасти плодови и секакви типови на мешунки и зрнеста храна.
Комбинирајте рецепти на база зеленчук, компир и морков и месо кое е лесно сварливо, така што ќе ја одржите вашата крвна слика на нормално ниво.
Во првите недели бебето спие во просек од 18-22 часа во едно деноноќие, затоа користете го времето да одморате заедно со него.