Колумна: Зависност, насилство, измами – кои опасности ги крие Roblox, играта што ги освои и моите деца?
Не сте ниту свесни дека вашето дете станува зависно од виртуелниот свет, во кој, меѓу другото има и насилство, треба да вложите вистински пари за да обезбедите виртуелни robux пари, а децата може да бидат жртви на измами и хакери. Што се крие зад популарната Roblox игра?
За себеси сакам да мислам дека сум модерен родител. Сакам да играм игри на компјутер, па во минатото, додека сè уште не бев мајка, често ми се случувало и јас да останам со часови пред монитор и да „заглавам“ во виртуелниот свет на Tomb Raider или да возам автомобили на Need for Speed.
Сопругот повеќе сака first person игри, па за него игрите од типот на Counter strike или Call of Duty се попримамливи. Но, сега, кај децата се многу помодерни некои нови виртуелни светови и нови игри.
Пред една недела правевме роденден на синот кој наполни две години. Роденденот го славевме во карантински услови, со најблиските роднини.
Внуците само што дојдоа, почнаа да бараат да инсталирам Roblox на компјутер, па почнаа да се договараат како заедно секој ден со ќерка ми, која има 4 години, ќе ја играат оваа игра…
„Ако не знаеш ти, јас ќе инсталирам одма, ќе ти покажам како се инсталира“ – ми вели мојот 10-годишен внук.
Пак ќе кажам, сакам да бидам модерна и да го следам трендот. Ја симнав играта и останав вџашена.
Коцкести ликови, чудна графика, сосема поинаков виртуелен свет од оној на кој сум навикната. Дополнително ме уплаши тоа што играта се игра онлајн и има отворен „чет“ и социјална мрежа…
Така почнав да правам истражување за тоа што е оваа игра, дали воопшто е во ред децата да ја играат и кои се опасностите.
Во продолжение следат некои од поинтересните информации што ги најдов и на кои опасности предупредуваат родителите што имаат искуство...
Што е Roblox?
Играта Roblox за првпат била објавена во 2006-тата година, стекнала интерес на светско ниво во 2016-тата, а за време на пандемијата во 2020-та година стекна неверојатна популарност.
За време на карантинот оваа игра стана мошне популарна благодарение на маркетингот од дете до дете, па така Roblox стана неизбежен виртуелен свет во сечиј дом каде има деца.
Големата популарност, значеше и голема заработка, па така 2020-тата година компанијата ја заврши со 150 милиони корисници и добивка од над 924 милиони долари.
За да играте требаат вистински пари
Според изјавата на компанијата, играта Robolx обезбедува „забавен и едукативен простор каде децата можат да ја развиваат имагинацијата“.
За родителите беше добро тоа што нивните деца преку аватарите на Roblox остануваат „заглавени“ со часови во виртуелниот свет и со тоа беше полесно да бидат посреќни, односно да не го почувствуваат толку силно ударот што го зададоа ограничувањата на движењето и имаа можност да остварат „социјален“ контакт со нивните другарчиња со кои комуницираат и во играта.
За децата ова е посебен свет каде можат да се преправаат дека се некој друг и да се впуштат во активности што никогаш не би им биле дозволени во реалниот свет.
Дополнително, супер е што таму нема родители, но родителите се тука за да дадат некој денар кога на нивниот аватар во играта му треба нешто ново – на пример, облека и слично.
Дополнително децата можат да заработат преку „тргување“ со другите учесници. Тие може да се вклучат во продажба на облека и аватари.
Децата стануваат зависни од играта – можна е и апстиненцијална криза
Настрана трошоците и парите што децата ги бараат за да вложат во robux - виртуелните пари што им требаат за играта, најголемиот проблем во овој виртуелен свет можеби доаѓа од тоа што, за разлика од некои други игри, Roblox ги таргетира децата од најмалку 7-годишна возраст, што се мошне склони кон создавање зависности од игри и сè уште не знаат добро да расудат што е добро, а што не – дека тоа што се случува во играта не е применливо и прифатливо во реалниот свет.
Од друга страна, некои родители говорат за зависноста од видео-игрите кај нивните деца, па дури се забележуваат и апстиненцијална кризи.
Така вашето дете е среќно додека е во виртуелниот свет на Roblox, но секој обид да го тргнете од тој виртуелен свет завршува со проблем: детето станува агресивно, станува иритирано, во лошо расположение.
Жртви на хакери и измами
Кога станува збор за парите што се вклучени во играта, т.н. robux пари, имало случаи децата да бидат жртви на измами и хакери кои се тука за да им ги земат виртуелните пари на вашите деца, за кои претходно сте вложиле вистински пари.
Исто така, се случувало да има и кражба на податоци, кога некој ќе успее да влезе во профилот на детето и да го украде неговиот аватар, а дополнително бил забележан и инцидент кога аватарот на 7-годишно девојче бил сексуално злоупотребен.
Нема предупредувања за насилство
Иако играта е наменета за деца од возраст од 7 години, сепак има игри во кои има насилство. Така играта Murder Mystery им дозволува на играчите да земат оружје и артилерија и да учествуваат во сценарио за мистериозно убиство.
Играта по случаен избор бира кој ќе биде убиецот, а кои жртви на убиството. Така, иако ние како родители се обидуваме на секој можен начин да ги заштитиме децата од насилства, не сме ниту свесни дека децата пак ни се изложени.
Искрено, знам дека со тоа што јас ќе ја избришам играта и ќе го избришам профилот нема да направам многу.
Во комуникација со други деца ќерка ми повторно ќе бара да се вклучи на Roblox и да игра, а како родители сакаме да направиме сè за нашите деца да бидат прифатени и да се чувствуваат удобно во средината во која живеат, иако нивната средина се чини дека во голема мера станува виртуелна и коцкеста.
Потребна е се чини поголема свесност кај сите родители за тоа што прават нашите деца и како го поминуваат времето пред таблет или пред компјутер и дека содржините што ги следат во голема мера не се за нив.
Затоа, пред да кликнеме на копчето „install“ добро би било да направиме и истражување за тоа што го бараат од нас нашите деца и колку воопшто е безбедно.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело/ фото: depositphotos.com