Непочитување на другите и уште 6 лоши навики што децата најчесто ги учат од родителите
Ако имате навика да озборувате пред вашето дете, бидете сигурни дека и тоа ќе почне да го прави истото. Што друго учат децата од родителите?
Не залудно велат дека домашното воспитување е најважно. За секое дете, неговите родители се најправедните и најдобрите личности, па неретко тоа го копира скоро секое нивно однесување.
Ова значи дека ако вие се однесувате добро со другите луѓе, ако имате здрави животни навики и слично, и вашето дете ќе го прави истото.
Од друга страна, ако покажувате непочитување, ако озборувате или ако правите што било лошо, вашето дете ќе го прави истото бидејќи ќе мисли дека тоа е правилно.
Кои се најчестите лоши навики што децата ги учат од родителите?
Постојано гледање во смартфонот
Ако вие постојано сте на вашиот телефон додека сте дома, немојте да бидете изненадени ако и детето го „копира“ ова однесување.
Постојаното гледање во телефонот не е добро ни за вас, ни за вашето дете, па ако ја забележите оваа навика кај него, обрнете внимание и на себе.
Потсмевање на „губитниците“
Ако вашето дете сака да се фали кога ќе направи нешто подобро од другите, а притоа им се потсмева на оние кои не постигнале исто добар резултат, најверојатно и ова го научило од вас.
Нема ништо лошо во тоа детето да биде гордо на својот успех, но вие треба да му кажете, но и да му покажете со пример дека треба да ги бодри оние кои се послаби од него во која било област, а не да им се потсмева.
Ве игнорира кога ви треба помош
Ако детето не сака да ви помогне кога е очигледно дека имате потреба од тоа, размислете како вие се однесувате со луѓето на коишто им е потребна вашата помош.
Нормално дека не можете да им помогнете на буквално сите, но осигурете се дека ќе поставите добар пример за вашето дете во ваквите ситуации.
Озборување
Дали имате навика да ги озборувате сите кога ќе се видите со некој пријател или пријателка? Бидете сигурни дека вашето дете го забележува тоа, а бидејќи го гледа од вас, ќе смета дека е правилно.
Ако некогаш не можете да му одолеете на озборувањето, барем избегнувајте да озборувате пред вашето дете.
Постојано гледање телевизија
Слично како со користењето на смартфонот, ако вие по цел ден гледате телевизија кога сте дома, и вашето дете ќе почне да го прави истото.
Нема ништо лошо во тоа детето да изгледа некој филм, серија или што било, но ако постојано го прави тоа, прво помислете на вашето однесување пред да го карате.
Викање и непочитување на другите
Некогаш расправиите со партнерот се неизбежни, но во овие ситуации дајте го најдоброто од себе да не го повишувате тонот и да не се навредувате еден со друг.
Дури и ако вашето дете е во другата соба, тоа дефинитивно ќе ве слушне и ќе почне да мисли дека нема ништо лошо во овој начин на разговарање.
Третирање на животните како играчки
Малото дете не може да сфати дека животните не се играчки, но вие како родител морате да му покажете како да се однесува со нив.
Ако му дозволувате на детето да ја влече мачката за опаш, да си игра грубо со кучето или што било, тоа ќе помисли дека така треба.
А, со ова не само што страдаат животните, туку некогаш детето може да биде и нападнато од мачка или куче кои нема да бидат толерантни кон ова однесување.
Спирова С. | Црнобело