Зошто „Pop It“ играчките станаа хит и кои се правилата за игра?
Што се Pop It играчките, како се игра со нив и зошто за брзо време станаа вистински хит кај децата? Имате ли вие дома ваква играчка и како играте со неа?
На масичката во собата на моите деца стои шарената Pop It играчка. Брат ми ја гледа и ме прашува:
„Што е ова?“
„Pop It“ - му велам...
„За што служи?“ – ме прашува.
„Ми рекоа дека е добра за развојот на децата. Продавниците се полни со такви играчки и децата ја видоа, сакаа да ја купам и морав да ја купам“ – велам.
„Ма види глупа играчка... Во ова можеш вода за мраз да ставаш и супер ќе излезе, мали кругчиња, таман за кафе“ – ми вели...
Сосема е разбирливо како на оние што немаат деца, ваквите играчки им изгледаат глупаво и дека според нив залудно сте потрошиле пари, но продавниците за играчки се преплавени со ваквите шарени силиконски шаблони со балончињa.
Зошто децата ги бараат и ги сакаат, за што навистина служат и како се игра со нив?
Pop It играчките доаѓаат во боите на виножитото и може да се најдат во најразлични облици - круг, шетсоаголник, правоаголник, срце, еднорог...
Станува збор за силиконска играчка со голем број балончиња што децата треба да ги туркаат со прстињата.
Велат дека таа успешно помага за вознемиреноста кај децата, односно им помага да се смират и да го подобрат расположението.
Но, како се игра со оваа играчка? Постои ли некое правило или децата треба само да ги „пукаат“ балончињата?
Како се игра Pop It?
Според правилата ова е игра за двајца, а се игра на следниот начин:
- Децата прво треба со помош на „лист-камен-ножички“ или друга броенка, да одредат кој ќе биде прв.
- Првиот играч избира еден ред или колона и да „пукне“ колку сака балончиња само во тој ред или колона.
- Другиот играч избира друг ред или колона, каде нема пукнати балончиња и „пука“ со прстите колку сака само во тој ред или колона.
- Играчите играат наизменично, сè додека на последниот играч не му остане само едно балонче.
- Играчот што ќе го пукне последното балонче ја загубил играта, но играчката се врти и почнувате од почеток.
Тој што ќе победи во три рунди е победникот во играта.
Дали оваа играчка е навистина добра за развојот на децата?
Со оваа игра можете да му помогнете на детето во развојот на координацијата. Така на пример, во еден момент можете да му кажете да користи само еден прст, палец, показалец, мал прст...
На поголемите деца можете да им дадете пинцета и мали топчиња, па да ги распоредуваат топчињата по боја.
Логопедите го користат за мотивација на дечињата што имаат проблем со говорот, па така логопедите им дозволуваат да пукнат едно балонче само тогаш кога детето ќе го изговори зборот правилно.
Интересна е и за бебињата, што сакаат да допираат сè со прстињата и на тој начин го осознаваат и учат за светот.
Pop It играчката стана мошне популарна благодарение и на влогерот Рајан кој во неговите видеа со штоперица мери за колку време ќе успее да ги испука сите балончиња.
Погледнете го видеото:
Б. С. Б. | Црнобело/ фото: depositphotos.com