Низ илустрации: Што да правите ако вашето дете постојано го бара другиот родител?
Навистина е тешко кога знаете дека целосно сте му се посветиле на вашето дете, сте му ја дале целата љубов, но се чини дека тоа постојано го бара вашиот партнер, а не вас.
Доколку и вам ви се случува вашето дете да бира поголем дел од времето да поминува само со еден од родителите, пример само со партнерот, не сте сами во ова, тоа им се случува речиси на сите.
Во продолжение преку илустрации погледнете што можете да направите за да го промените ова, за да не се чувствувате повредено, доколку децата избираат постојано да бидат со другиот родител.
Обидете се да сфатите зошто детето постојано го бара другиот родител
Доколку вие поминувате најголем дел од времето со вашето дете, тогаш сосема е нормално вашето дете да сака да поминува повеќе време со другиот родител, или обратно, можеби детето сака да поминува повеќе време со родителот што знае што тоа сака и кои се неговите потреби.
Обидете се колку е можно повеќе да поминувате еднакво време со децата.
Ќе помине
Малите деца најчесто сакаат да бидат со еден од родителите и на тој начин тие ја покажуваат сопствената независност. Вашето дете сака самото да направи избор и најчесто ги избира опциите што му се попознати.
На пример, ако мама е таа што редовно чита приказни секоја вечер, нормално е да ја бараат неа, наместо тато. Затоа, ако за одредени работи вашето дете го бара другиот родител, запомнете дека тоа не значи дека ве сака помалку.
Како што минува времето, така се менуваат и децата, затоа неопходно е да му дадете на детето време да сфати дека може да ги сака и двајцата родители подеднакво.
Контролирајте ги чувствата
Понекогаш може да се чувствувате повредени кога вашето дете постојано го бара вашиот партнер за одредена активност. Сепак, обидете се да не дозволите да ве поведат емоциите и да се истурите на детето поради тоа.
Можете да му кажете дека ве растажува тоа што постојано го бара вашиот партнер место вас, но обидете се тоа да го кажете на смирен начин без да направите вашето дете да се чувствува виновно заради изборот што го направило.
Сочувствувајте со детето
Понекогаш детето може да ја отфрла вашата помош затоа што сака другиот родител да му помогне иако тој не е тука. Немојте да се лутите и дозволете му на детето да сфати дека разбирате како се чувствува во моментот.
Објаснете му дека го разбирате, но кога „мама не е дома“ вие сте тука за да му помогнете.
И вие сте мошне важни
Тоа што детето постојано го избира вашиот партнер може на моменти да ве повреди, па дури и да се почувствувате дека сте лош родител. Тоа што детето го бара другиот родител не значи дека сте лош родител, туку потсетете се дека и ова е само фаза низ која вашето дете мора да помине.
Поставете граници
Иако многупати ви се чини полесно да попуштите, сепак, многу е поважно да поставите граници. Во спротивно, вашето дете ќе се научи да ве манипулира. Исто така, уште поважно е да не сте само вие тој родител што постојано вели „не“, туку и вашиот партнер треба да го прави истото.
Говорете за позитивните страни на вашиот партнер
Кога сте со детето обидете се да ги нагласите позитивните страни на партнерот. На тој начин ќе ги нагласите сличностите меѓу вас и вашиот партнер, но и за она што вашиот партнер го прави уникатен.
По ова можете да го замолите детето да ви каже што е она што најмногу сака да го прави со вас, а што сака да прави со вашиот партнер. Така ќе имате подобар увид во нештата.
Б. С. Б. | Црнобело