„Не, мојот живот не доби смисла откако се породив“
Не, моето име не е Мама. Моето име е Адријана. Мило ми е.
Не, мојата професија не е мајка. По професија сум инженер. Мајка сум ѝ само на мојата 5-месечна ќерка.
Откако се породи, повеќе од кога било во моите 33 години, се среќавам со еден тон клишеа.
Исто така се среќавам и со тон осудувања поради рушење на истите.
Не, мојот живот не доби смисла откако се породив, бидејќи претходно не беше бесмислен.
Не, со раѓањето на детето не станав комплетна, бидејќи и претходно бев исполнета.
Не, не станав остварена во која било смисла, бидејќи пред детето не се чувствував некомплетно. Само не бев мајка.
Секогаш ме нервираа изјавите од тој тип.
Не, тоа што продолжив со животот исто како и пред бременоста, само со еден член во семејството повеќе, никако не значи дека не си го сакам своето дете.
Исто така, не значи дека со тоа што не ги потенцирам приказните за детето и не ги гушам другите, сум лишена од емоции.
Тоа што не прикачувам фотки од детето на социјалните мрежи не значи дека сум лоша мајка, ниту дека детето ми е неубаво, па се срамам, но и не мислам дека е најслаткото суштество на светот.
Тоа што за време на бременоста не се здебелив, не значи дека својот изглед сум го ставила пред здравјето на детето. Тоа што изгледам како да не сум се породила, не значи дека сум суетна и мислам само на себе. Само се грижам за своето здравје.
Пријателките и понатаму не ги делам на оние кои имаат и оние кои немаат деца. Не разговараме за пелени. На секоја од нас своето дете ѝ е најубаво и најпаметно и најслатко. Но, замислете, не си испраќаме по 100 слики од децата во група.
И понатаму одиме на кафе. И излегуваме. Во истото кафуле во кое излегувавме и порано. Некогаш дури и без деца. Им ги оставаме на татковците. Замисли го само тоа!
И понатаму се дотерувам и шминкам и да, ми годи кога ќе ми кажат дека добро изгледам. Затоа што знам дека е точно.
И понатаму се грижам за себе. Дали тоа значи дека не се грижам за детето? Не.
Јас немам ниту една баба на која можам да ѝ го оставам на чување.
Но, раѓањето на детето не го сфатив како товар, туку како нешто што ќе ми го збогати секојдневието, ќе ми го зголеми семејството и љубовта која ја чувствуваме едни кон други.
Нешто што ќе го израдува мојот сопруг и мене. Не некој друг. НАС! Од останатите не очекувам да го делат истото воодушевување. Ниту пак јас го делам со другите.
Не, детето не ми е приколка, туку друштво.
Дали тоа што сум задоволна со својот живот ме прави лоша мајка?
Па, можам да живеам и со тоа.