Исповед: „Се породив со царски рез – ми рекоа дека не сум мајка и дека не сум си го родила детето“
„Најлошиот коментар што го добив беше: ’Како можеш да се нарекуваш мајка? Ти не го роди твоето дете‘...
Породувањето со царски рез е честа појава и неретко оваа операција го спасува животот и на мајката, и на бебето. За жал, изгледа уште постои стигма околу породувањето со царскиот рез и мајките неретко се критикувани поради ова.
Во ваква ситуација се нашла 23-годишната Сани од Австралија, која морала да се породи со царски рез. Кај Сани се појавиле компликации, па најбезбедниот начин на породување бил со царски рез. Она што ја запрепастило младата мајка се коментарите полни омраза што ги добивала од другите поради царскиот рез.
Погледнете што вели Сани за злобните коментари:
„На почетокот сè беше во ред и мислев дека ќе се породам без царски рез. Но помина многу време од почетокот на контракциите и лекарите ме предупредија дека можам да добијам инфекција или да настанат други компликации ако чекаме уште. Па, мораa да ми направат царски рез. Не планирав да се породувам со царски рез, но беше јасно дека морам да го направам тоа ако сакам моето малечко да биде безбедно“.
„Не ни помислив со колку злобни коментари ќе се соочам поради царскиот рез. Постојат многу негативни ставови околу ова. Дури и една медицинска сестра ми рече да не се жалам за болката од операцијата, бидејќи на другите жени им било многу полошо и не можеле ни да седнат по породување без операција.
Други луѓе ми велеа дека сум си поминала лесно и воопшто не сум се измачила бидејќи само сум си лежела таму. Ми велеа дека јас всушност не сум го родила моето бебе. Најлошиот коментар што го добив беше: ’Како можеш да се нарекуваш мајка? Ти не го роди твоето дете‘. Ова многу ме повреди“.
„Не ми е јасно како луѓето размислуваат така. Царскиот рез е сериозна операција. Буквално ви го сечат телото и ви го шијат. Не е воопшто забавно. Тажно е што многу мајки се понижувани и ги гледаат како ’подолни‘ од другите мајки само затоа што родиле со царски рез. Постои голема стигма за оваа тема и ова мора да престане.
Жените секојдневно носат нов живот на овој свет и нема правилен или погрешен начин да го направат тоа. Треба да се поддржуваме едни со други наместо да се расправаме за операција што спасува животи. Во повеќето случаи царскиот рез се изведува за да се спасат животите на мајката и бебето. Некогаш ова е буквално прашање на живот или смрт. Сечија приказна е различна. Сè додека бебето е здраво и среќно, ништо друго не е важно“.
Спирова С. | Црнобело