Како да го намалите времето поминато пред екран кај вашите деца?
Лето-зима, приказната е иста, си доаѓате дома, а вашето дете уште не влезено дома почнува: „Мамо пушти телевизор“, „Мамо сакам таблет“... Ова е приказната со која што се соочуваат сè поголем број родители.
Иако домот е преплавен со играчки, детето сепак не пројавува интерес за ништо друго, освен за таблетот или некој друг сличен уред.
Голем број луѓе од страна, пак, ве обвинуваат дека не им обрнувате внимание на децата, не поминувате доволно време со нив, па затоа по цел ден се пред екрани.
Од друга страна, секој обид за кратење на времето пред екрани вашите деца го доживуваат како „казна“, па најчесто тоа завршува со плачење, расправии и често како родители попуштаме.
Вистината е дека голем дел од нас се обидуваат на секој можен начин да го скратат времето пред екрани, но во суштина имаме проблем и не знаеме како да го направиме тоа.
Како да ги одвикнеме децата од екраните, а притоа да не се чувствуваат како да ги казнуваме?
Не се откажувајте
Првата работа што треба да ја знаете кога сакате да ги одвикнете децата од екрани е дека тоа нема да се случи преку ноќ. Ќе ви биде потребно време и, секако, доста трпение.
Но, со тимска работа, игра и охрабрување, ништо не е невозможно.
Присетете се само колку било напорно кога го одвикнувавте детето од шише, од пелени, од цуцла, кога го учевте да оди и да зборува...
За сè треба време, па така и за одвикнување од екраните.
Најдете заеднички активности
Ви се случило некогаш да го загубите или да ви се расипе телефонот? Се сеќавате како се чувствувавте (како да ви недостасува еден екстремитет)?
Така се чувствува и вашето дете. Тоа чувство ќе трае со денови, сѐ додека да се навикне да се тргне од екраните и да зачекори во реалноста.
Клучно ќе биде постојано да наоѓате нешто со што ќе му го одвлекувате вниманието. Мора да најдете нешто забавно за да го замените уредот.
За среќа, ако вашите деца сакаат нешто повеќе од тоа да седат со уред во раце, тоа е да поминуваат време со родителите.
Најдете заеднички активности и посветете се на нив.
Заборавете и на вашиот телефон
Нешто најдобро што можете да направите е да бидете соодветен пример за вашето дете.
Воопшто не е во ред да му го одземете уредот на детето, а потоа вие да бидете на мобилниот телефон и да очекувате дека сè ќе биде во ред.
Можеби и вие самите ќе се изненадите колку е подобро да го поминувате времето заедно наместо да „скролате“ цело време.
Воведете нови работи во нивната рутина
Доколку вашите деца се постојано „залепени“ пред екраните, можеби добра идеја за одвикнување би било да ги тргнете во целост од нивните уреди – прошетајте до некој парк или играјте некоја игра на отворено.
Доколку врне, најдете заеднички активности - на пример, би можеле заедно да нацртате некој цртеж или едноставно да боите.