„Мајка, денес детето не е расположено“ – од градинка ми пишуваат за секакви ситници, како растевме ние порано?

На работа телефонот ми е секогаш при рака, за негувателките да не ми се јават дека на детето не му е добро, или да не ми пишат некоја глупост во Вибер групата како „дали да ги искористиме сите пелени, овие се скапи“, а тука се и некои мајки, кои дури и бараат да им пратат слика од децата, за да видат дали се добро облечени, да не им е топло или ладно... Што правеа порано кога ние одевме во градинка и немаше телефони?

Koga-od-gradinka-vi-pishuvaat-za-sekakvi-sitnici-chekaj-a-kako-rastevme-nie-koga-nemashe-mobilni-telefoni-01.jpg

Кога се обидувам да се сетам на миговите од моето рано детство, не знам зошто ама секогаш пред себе го гледам ликот на мајка ми како доаѓа да ме земе од градинка. Пораснав во градинка. Моите одеа на работа, немаше кој да нè чува, па од бебиња градинките беа наше секојдневие.

Пеевме, цртавме, учевме песнички, имавме еден куп убави активности. Мама нè оставаше и трчаше на работа. Се сеќавам дека најмногу се радував кога ќе ја слушнев учителката како вика: „Ајде дојде мајка ти да те земе!“

Еднаш кога разговаравме за вакцините и зошто една вакцина не сум ја примила, се сеќавам дека ми рече: „Па да, тогаш ти се слоши и замисли дури на работа ми се јавија да дојдам да те земам…“

Koga-od-gradinka-vi-pishuvaat-za-sekakvi-sitnici-chekaj-a-kako-rastevme-nie-koga-nemashe-mobilni-telefoni-02.jpg

Замисли… Немало телефони. Нè оставале во градинка, а родителите оделе на работа, да ги завршат своите должности.

Можело да викаме, да се лутиме, да се бунтуваме – негувателките и да сакале немале како да ги контактираат родителите, останувало да чекаат да дојдат да нè земат и да најдат начин да ги смират децата.

Но, со напредокот на технологијата, целиот начин на живот ни се промени – па така и ова. Се чини по некогаш дека цело време имаме вишок информации. Наместо да биде олеснето, некако станува сè потешко.

Пред некој ден, син ми си дојде со отпечатоци од заби на рамото. Да, сопругот веднаш реагираше – Како така, детето е изгризано, кој го гризнал?

Јас само се насмевнав и му реков, а што мислиш, нашето дете не гризнало никого? Нормално е, бебиња се, им растат заби па гризаат сè и сешто.

Мојата нога има на неколку места отпечатоци од забите на синот. Знам дека тоа е нормално. Но, не се сите родители како мене.

Веднаш се присетив на една случка кога пред неколку години една мајка објави фотографии на социјалните мрежи како нејзиното дете си дошло дома со отпечатоци од заби и секако веднаш сите удрија по негувателките – како не ги чуваат децата, како не внимаваат итн.

Сакам да бидам објективна и да ги согледам работите од сите перспективи.

Ниту на негувателките им е лесно со 15 (и повеќе) дечиња, ниту нам како родители ни е лесно. 

Колку и да не сакаме да признаеме, сите чувствуваме по малку вина што мораме секојдневно да ги оставаме децата – логично е да имаме страв затоа што чувствуваме како да немаме контрола, а „шлаг на тортата“ е кога и за најмала ситница ни ѕвони телефонот и навистина не ни е сеедно.

Koga-od-gradinka-vi-pishuvaat-za-sekakvi-sitnici-chekaj-a-kako-rastevme-nie-koga-nemashe-mobilni-telefoni-03.jpg

Баш затоа си мислам дека денес со мобилните телефони, колку е подобро, толку е и полошо. Имаме групи на Вибер, комуницираме со негувателките за сè и сешто: „Извинете, дали моето дете јадеше?“, „Извинете, дали на моето дете му сменивте пелена?“, „Извинете, денес моето дете малку ќе задоцни“...

Да, тоа сме ние родителите и пишуваме буквално за сè што нè интересира и што ни треба во моментот. Сепак, останатите членови во групата го следат разговорот и сакале или не сакале, и тие се запознаени со сè што се случува со нашите деца…

Најжално е што кога ќе видите дека сите го прават тоа и вие почнувате да го правите истото, без разлика колку и да сакате да бидете опуштени и да не им додевате на негувателките додека си ја вршат работата.

Ако прашате некои од вработените, со сигурност ќе ви кажат дека родителите понекогаш претеруваат, дека ги злоупотребуваат групите итн.

Верувајте, имало и такви родители што барале негувателката во моментот да направи фотографија од детето и да ја стави во група, за да виделе како е облечено нејзиното дете, дали му е топло, дали му е студено.

Но, ајде, нека помине…

Koga-od-gradinka-vi-pishuvaat-za-sekakvi-sitnici-chekaj-a-kako-rastevme-nie-koga-nemashe-mobilni-telefoni-04.jpg

Секој ден почнува исто. Стигам на работното место, телефонот мора да ми е при рака за да не ми пишат дека нешто се случило или ако треба нешто да прашам.

Има денови кога навистина се случило нешто и треба да ме информираат: на детето му се слошило, кренало температура, не му е добро… Но, имало и денови кога навистина сум сакала да го немам телефонот во моментот.

„Мајка, во чантата има 4 пелени, сите да ги искористам? Јас велам: „Да, затоа се ставени“, а таа ми враќа: „Ама овие од скапите пелени се“…“

„Мајка, денес вашето дете дури 4 пати морав да му сменам пелена, зошто?“, јас одговарам „Да, се случува деновиве, затоа што му растат заби“ и знам дека тоа сум го нагласила дента кога сум го однела – дека не сме многу расположени, ни растат заби, а очекувам дека негувателките треба веќе да се информирани за сите симптоми што би можеле да се јават.

„Мајка, денес нешто не е расположено вашето дете…“

И секој ден исто, додека сум на работа, наместо да се сконцентрирам 100% на работата, морам да внимавам и на телефонот да не ме побараат за нешто од градинка.

Понекогаш, навистина ми доаѓа да викам и да се карам и да бидам безобразна, но не сум конфликтна личност и секако не сум од оние мајки што секоја мала ситница ќе ја стават на социјални мрежи.

Секако тука имам респект и кон другите, затоа што не се сите негувателки исти и секоја чест на исклучоците.

Има и такви што први доаѓаат на работното место, насмеани и подготвени да ги пречекаат дечињата.

Си ја сакаат работата, практични се, имаат обѕир дека не треба залудно да ви го трошат времето и дека тоа што комуникацијата е олеснета, не значи дека вие сте „на закачалка“, па кога и да им затребате може да ве бараат, па и за небитни работи. Го користат телефонот, ама само во екстремни ситуации и кога навистина е неопходно.

И така пак си го поставувам прашањето: Подобро ли беше порано кога немавме телефони или сега е подобро? Дали со модерната технологија ни е полесно и нам како родители, но и на негувателките? Што мислите вие?

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Б. С. Б. | Црнобело / фото: depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

13 совети од родителите што ги разбираме дури откако ќе пораснеме, низ илустрации Во тинејџерските години секој совет од родителите низ звучи како непријателски н...
„Јас сум разведена мајка на 2 деца - не сакам да ги гледам секој ден и тоа не ме прави лош родител“ „Зошто воопшто си раѓала деца?“ – ја напаѓаат Луси Паркер (35) од Велика Британи...
7 работи што ги правам со моето дете, иако сите ме советуваа спротивно Ја земам во раце и ја прегрнувам кога плаче, иако велат дека не треба, бидејќи ќ...
Kако да се справите со несаканите совети за децата, низ илустрации Како да реагирате на родителите што постојано се фалат со успесите на нивните де...
Тешко е да живеете во брак кај што сте повеќе мајка отколку сопруга На жената ѝ треба алфа мажјак. Не ѝ треба маж кого ќе го влече наоколу како дете...
„Се каам затоа што сакав да бидам совршена мајка и викав многу по моите деца за сè“ „Се каам затоа што се карав гласно пред нив со нивниот татко. Им се извинив, но ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg