Мајка останала згрозена откако случаен минувач ја фотографирал додека дои на клупа – не сакал да ги избрише фотките
Оваа мајка останала целосно згрозена откако непознат човек ја фотографирал како го дои бебето, а потоа не сакал да ги избрише фотографиите.
Доењето во јавност сè уште е тема на дискусија во голем дел земји. Така оваа мајка останала згрозена откако сфатила дека не постојат законски регулативи што би можеле да го спречат однесувањето на странецот што „бесрамно ја фотографирал“ додека го хранела своето бебе.
Џулија Купер (32) заедно со уште неколку пријателки била на прошетка во Сејл, Манчестер и застанала на една клупа да ја надои нејзината 9-месечна ќерка. Тогаш забележала како некој непознат маж седи на друга клупа во близина и зјапа во неа.
Како што вели, во еден миг додека го хранела бебето, забележала дека тој извадил дигитален фотоапарат со леќа за зголемување на зумот и почнал да ја фотографира, иако таа имала можност да види што прави тој.
„Се чувствував ужасно. Бев дискретна додека ја хранев ќерка ми и мислам дека токму поради тоа тој стави леќа за зумирање, затоа што сакаше да направи фотографии од блиску за да види што се случува. Откако ја нахранив ќерка ми, отидов и го прашав дали нè фотографирал нас“ – вели таа.
Откако непознатиот потврдил дека направил фотографии со нив, таа побарала тој да ги избрише фотографиите, но тој не прифатил.
„Рече дека имал право да нè фотографира затоа што бевме во јавност. Не ми објасни зошто ги направил фотографиите и не ни помислив да прашам. На некој начин и не сакав да знам. Очигледно имал некаква намера“ – вели таа и нагласува дека поради студеното време не била разголена, туку носела големо палто.
По инцидентот, Џулија се обидела да го пријави случајот во полиција, но ѝ рекле дека не можат ништо да направат затоа што тој не направил ништо незаконско. Дури и жената во полиција рекла дека не се согласува со неговите постапки, но за жал, тоа не е спротивно на законот.
Џулија сега ги зема работите во свои раце. Таа покренала сопствена петиција, на која има собрано повеќе од 25.000 потписи со кои што ќе се направат законски измени и фотографирањето на жени што дојат без дозвола ќе стане нелегално.
Но, иако таа се труди да направи промени за „доброто на идните мајки“ инцидентот сепак оставил траги и го променил нејзиното однесување. Како што вели, иако во минатото немала предрасуди за доењето во јавност, сега се воздржува и наместо тоа, најчесто зема шишенце за да ја нахрани ќерката.
Б. С. Б. | Црнобело