Холивудските филмови ме лажеле за породувањето - кои работи ми станаа јасни дури откако станав мајка?
Навикнати сме да гледаме филмови и да сметаме дека тие ја отсликуваат реалноста таква каква што е. Сметаме и создаваме очекувања дека тоа што сме го виделе на филм ќе ни се случи и во реалноста, но кога станува збор за породувањето – тогаш филмовите се само тоа – фикција и измислица и немаат никаква врска со реалноста. Сигурно ние жените во Македонија не сме толку поразлични од оние во САД, нели!?
Кога ќе тргнете да се породувате заборавете на сè што сте виделе во холивудските филмови. Искрено, не знам зошто, ама јас барем досега, не сум видела филм што доследно го покажува процесот на породување.
Се трошат милиони за некои работи да се прикажат што е можно подоследно, како на пример тепихот во Титаник или небото на ноќта кога бродот потонал, а кога станува збор за породувањето, барем тие што станале мајки, сфаќаат дека луѓето што го правеле филмот не можеле повеќе да ја „утнат“ работата.
Ако одите на породување „потковани“ со она знаење што ви го нудат холивудските филмови ќе бидете мошне збунети и ништо нема да ви е јасно.
Јас го искусив ова на своја кожа, па затоа сакам да издвојам некои факти што сама ги воочив и ги дознав подоцна.
Во продолжение проследете неколку факти за кои што Холивуд ве лаже и ви поставува неразумни очекувања.
Породилните болки се добиваат само пред породување
Вообичаено во холивудските филмови жената добива породилни болки, ѝ пукнува воденикот и сите се во брзање што е можно побрзо да стасаат до болницата. Нема време, ќе се породи итн.
Од друга страна, жената е сосема изненадена од болките, како воопшто да не знае што ѝ се случува.
Реалноста е сосема поинаква.
Контракциите кај голем број жени може да почнат да се јавуваат уште во вториот или третиот семестар и познати се како Брекстон-Хиксови контракции или како лажни болки.
Овие болки всушност имаат за цел да ве подготват за вистинското породување. Сепак, не се јавуваат кај сите жени, но поголем дел од мајките ги почувствувале.
Се случувало многу пати и некои од жените да одат во болница заради вакви болки и да сметаат дека дошло време за породување, а да излезе лажен аларм.
Од друга страна, тоа што жената почнува да добива болки, не значи дека и брзо ќе се породи. Во основа, просечно породувањето трае околу 13 часа.
Така што, бидете подготвени дека треба да трчате маратон.
Пукнатиот воденик, пак, од друга страна не мора да значи дека веднаш ќе настапат и болки.
Кај некои жени може да почнат болките по неколку часа, а некои може воопшто и да не добијат болки.
Од мое лично искуство говорам дека во првата бременост воопшто не добив болки и иако воденикот ми беше пукнат цели 30 часа на крај се породив со вештачки провокации.
Викање, неправилно дишење
Веќе на сите ни се познати сцените кога жената легната вреска од болки, дише со нагласено земање воздух и испуштање.
Најчесто во филмовите најголем виновник е таткото на бебето, па така, мајката целиот гнев и бес од болката го истура врз него.
Еден од најдобрите совети што ги добив за време на второто породување од една од медицинските сестри беше: „Диши мајка. Диши најнормално. Ќе помине.“
Додека лежев и чекав да настапи породувањето само дишев полека и ја собирав силата.
Не напнував, оставив дишењето да ми помогне и нештата да се одвиваат по најнормален пат. Се породив само за три часа – никому не му се веруваше, па ниту јас самата не можев да поверувам.
Сите што поминале низ породување ќе ви го кажат истото: „Не ја трошете силата на викање – подоцна повеќе ќе ви биде потребна“.
Се породувате легнати во кревет
Е ова е класика. Речиси сите жени, во сите филмови се породуваат во хоризонтална положба, легнати во кревет. Тука е докторот, сестрите и таткото (кој најчесто го извлекува најдебелиот крај).
Во реалноста во кревет сте сè додека не се отворите во целост и потоа ве ставаат во породилна сала, односно на бокс.
Нозете ви се кренати во височина, грбот е подисправен – буквално сте во седечка положба.
Околу стомакот имате монитор што ги мери отчукувањата на срцето на бебето или CTG.
Напнувањето почнува кога лекарите ќе ви кажат дека треба да почнете да напнувате и да доаѓа со секоја нова контракција.
Силата што претходно сте ја потрошиле додека сте викале непотребно, сега ви е најпотребна.
Породувањето завршува кога ќе го родите бебето
Она што најмногу мене лично ме изненади е тоа што во истиот миг кога се раѓа бебето, веднаш поминуваат и болките.
Холивуд вели дека бебето се раѓа, сè е готово. Мама и тато се среќни, се гушкаат со бебето – мама нема никакви проблеми, може веднаш да стане, само е уморна.
Ова не само што не е точно, туку создава и лажни очекувања кај најголем број жени.
По раѓањето на бебето, следува т.н. трета фаза кога се вади постелката. Потоа следува инфузија, ако треба и шиење итн.
Кога ќе ве пренесат во собата, не само што не можете веднаш да станете, туку тоа и не смеете да го правите сè додека не дојде некој од медицинскиот персонал за да ви помогне.
Бебето оди на прегледи, па ќе го добиете подоцна.
Бебето се раѓа како да има полни три месеци
Навикнати сме да ги гледаме преслатките холивудски бебиња, што се премногу големи, како да наполниле 3 месеци.
Во реалноста кога ќе се роди вашето бебенце ќе биде малечко и ситно.
Ако Холивуд ви бил основна мерка за тоа какво бебе треба да очекувате, тогаш подгответе се за изненадување – и оние најкрупните бебиња ќе ви изгледаат премногу ситни и мали.
Доењето е природен процес – бебето само знае да цица
Во филмовите бебето само што ќе се роди, го ставаат на градата од мајката и веднаш цица. Да, тоа е така – ако сте имале претходно искуство и ако тоа не ви е прво бебе.
Ако за прв пат се пораѓате и ако за прв пат сте мајка, треба да знаете дека доењето не е нешто ново само за вас, туку и за вашето бебе.
Иако тоа е најприроден и инстинктивен процес – сепак ќе ви биде потребна помош и поддршка од медицинскиот персонал додека да се научите како да доите правилно.
Накратко, ова се само некои од работите што ми паднаа на ум кога размислував за тоа во колкава мерка влијаела лажната слика што Холивуд ми ја ставил во главата за породувањето.
Жално е тоа што сите очекуваат кога ќе одите да се породувате веќе да бидете информирани за тоа како оди целиот процес и некои од нив не можат да ја сфатат конфузноста што владее во вашата глава.
Гледајте филмови за забава, но кога ви се потребни факти, разговарајте со стручни лица и побарајте совети од луѓе што се упатени во тематиката. За жал Холивуд не е референца за тоа како се одвива овој најприроден процес за мајките, а филмовите ве лажат.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело