Исповед на жена со фобија од бременост: „Гледам труднички стомак и мојот инстинкт вели да бегам“
Често може да се случи особено оние повозрасните кога ќе видат двојка во брак без деца да почнат со коментарите: „Ајде што чекате“, „Време ви е“, „Кога ќе раѓаш“ итн. Често во таквите ситуации жените се осудуваат затоа што, ете, немаат деца, не сакаат да формираат семејство или „ќе останале без деца“. Таквите коментари понекогаш не само што се некултурни и навредливи, туку во голема мера може да бидат и болни.
Не знаеме со какви предизвици се соочува жената или двојката, па нема деца. Понекогаш двојката може да се бори со неплодност, понекогаш можеби се финасиски или други физички причини, а некогаш како во овој случај може да биде и длабок страв и фобија од бременост и породување.
Да, верувале или не, тоа навистина постои и е вистински предизвик да се живее со оваа фобија.
Даниеле Стајнер во нејзината колумна за Huffington Post искрено го опишува овој тип страв.
Со кои предизвици се соочува оваа жена поради т.н. токофобија погледнете во продолжение во извадок од нејзината исповед:
„Голем број жени гледаат на објавите за бременост и емотивно се присетуваат на нивните лични искуства или чувствуваат завист кон идните мајки. Голем број жени гледаат во бремена жена и мислат дека ним им се исполнил сонот. Голем број жени гледаат труднички стомак и се чувствуваат како да ги влече, сакаат да го допрат.
Јас не сум една од тие жени.
Јас гледам објава за бременост и стомакот ми се превртува поради мојот присутен страв од спонтани абортуси, раѓање на мртов плод, зарази и болести. Гледам бремена мајка и замислувам неподнослива болка, откорнување, крварење и врескање. Гледам труднички стомак и мојот инстинкт вели да се повлечам и да избегнам каква било можност да го допрам.
Имам екстремен страв од бременост и раѓање.
Не говорам само за стравовите што голем број жени ги имаат на оваа тема – не познавам ниту една жена што барем на некое ниво не чувствува страв како ќе се промени нејзиното тело за време на бременоста и за сите нешта што би можеле да тргнат на лошо за време на породувањето. Се чини дека секој слушнал по една или две страшни приказни што им останале врежани.
Она за што говорам e тежок, исцрпувачки страв. Плачам дури и кога само ќе помислам на можноста да останам бремена. Се чувствувам физички лошо од идејата моето тело да расте одвнатре. Ако само еден ден ми задоцни менструацијата тоа предизвикува напад на паника.
Работата е, не мразам деца. Напротив, отсекогаш сум сакала деца и сум ги прифаќала нивните имагинации и среќно сум ги прифаќала улогите на 'чудовиште' или 'принцеза' или кој друг карактер и да е потребен за нивната игра. Јас искрено славам со моите пријатели и семејството кога ќе најават дека ги прошируваат семејствата затоа што сум возбудена да ги видам како родители и сакам да поминувам време со нивните деца.
Па каков вид 'чудовиште' сум јас за да бидам во друга смисла, 'перфектно' нормална функционална возрасна личност која сака деца, но ја мрази (не, презира – не, е преплашена од - не, се згрозува – не, сите овие емоции се поврзуваат со) идејата од лично искусување на бременоста и раѓањето деца?
Јас сум некој што страда од токофобија.
Токофобија е страв од бременост и раѓање што е толку екстремен што го попречува секојдневниот живот и активно попречува некого да остане во блажена состојба.
Има два типа: примарна токофобија е страв од бременост и раѓање кај жени што никогаш не биле бремени или родиле. Секундарната токофобија се јавува откако жената веќе добила дете и, најверојатно, поради трауматична бременост или раѓање, развива присутен страв од тоа да остане бремена повторно.
Јас имам примарна токофобија. Јас никогаш не сум била – и никогаш нема да останам – бремена.
Токофобијата е скриениот, присутен трет партнер во нашата спална соба. Кога физички ја изразуваме нашата љубов, тоа го правиме така што користиме најмалку два вида на средства за контрацепција. И дури и тогаш, цел месец сум под притисок, сè додека, за среќа, не добијам менструација.
Мојот сопруг знаеше за овој страв кога се земавме и сфати зошто никогаш нема да носам негови деца. Нашиот брак е силен цели осум години и е најблиску до совршенство колку што може да биде. Тој ме сака целосно и јас го сакам него.
Секако ова е тешко за нашиот брак. Често го отфрлам сопругот затоа што за време на секс јас сум целосно опфатена со стравот 'дека може да ме забремени'? Моето одбивање да имаме секс може да го почувствува како лично одбивање.
Дали не го сакам? Дали не ми е привлечен? Дали нешто не прави како што треба? Ова се сите работи за кои мора да разговараме за време на долгите разговори што сме ги имале низ годините додека се справуваме со мојата токофобија. И додека сите овие разговори нè оставиле мошне емотивни, тие исто така ни донесоа ниво на интимност што верувам дека е клучно за силата и опстанокот на нашиот брак. Нè присили да комуницираме редовно и јасно за нашите чувства на таа тема, пракса што стана корисна во другите ситуации во нашиот заеднички живот и ова создаде врска што е длабоко искрена и значајна.
Жените што го имаат овој длабок страв обично не разговараат за него затоа што другите луѓе едноставно не можат да го разберат. Мојата токафобија ми предизвикува огромен срам. Не можам да се поврзам со моите пријатели кои се бремени или се обидуваат да останат бремени. Не можам да ги слушам приказните за нивните породувања – и најверојатно никогаш нема ниту да можам.
Ми рекле да се соземам, да не бидам себична и да оставам на времето. Луѓето ми велат дека биолошкиот часовник ми отчукува. Жените ме убедуваат дека ќе ми се разбуди мајчинскиот инстинкт. Слушнав дека деновиве мојата матка ќе почне да работи и ќе се молам за да имам бебе. Овие коментари се нечувствителни и ме повредуваат и додека знам дека тие често се добронамерни, прават да се чуствувам недоволно и како 'нецелосна' жена.
Вака се чуствував целиот мој живот. Идејата за бременост ме застрашуваше на 6 години, а ме застрашува и на 30. Сигурна сум дека ќе ме застрашува сè до менопауза. Тоа е суштински, вграден дел од тоа што сум. Но, јас всушност не знаев дека овој страв има свое име сè до пред неколку години кога почнав да го гледам шоуто Call the Midwife. Се надевав дека ако се присилам себеси да ги гледам овие приказни за бременост ќе се намали стравот, но тоа дефинитивно не се случи. Сепак, имаше епизода со жена што страдаше од секундарна токофобија. Иако на оваа фобија не ѝ е дадено име сè до 2000-тата година, симптомите што нараторот ги раскажуваше за жената од средината на 20-тиот век звучеа исто како моите. Така почнав повеќе да истражувам за фобијата.
Откако добив нови сознанија и терминологија, отидов на лекар. До тој момент веќе страдав и од зголемена анксиозност заедно со мојот страв од бременост. Лекарот веруваше дека лековите што ги користам за анксиозност ќе ми помогнат и со токофобијата, но иако анксиозноста е ставена под контролата, мојот страв од бременост и раѓање сè уште е присутен.
Да се биде жена не значи – и не треба да биде – засновано врз способноста за раѓање, без разлика на физичките, менталните, финансиските и личните причини што ги имаме за да не сакаме биолошки деца.
Дури и ако терапијата успее да ми помогне во некои апекти од мојата фобија, што не е исклучено, мошне малку е веројатно дека кога било ќе бидам во можност во целост да го надминам стравот.“
Б. С. Б. | Црнобело / Извор