„Не знаев дека има постпородилна анксиозност“ - Жени споделуваат што би сакале да знаат пред да станат мајки
Доењето може да биде тешко за некои мајки, постојано ќе бидете исплашени за безбедноста на детето, можно е да бидете осамени - неколку мајки решиле да ги споделат работите што ги научиле од мајчинството, а би сакале да ги знаат пред да се породат.
Секоја жена е свесна колкав предизвик ја чека откако ќе стане мајка, но факт е дека сè додека не се случи тоа, не може да знае сè. Огромен број жени учат милион нови работи за мајчинството дури откако ќе станат мајки, а повеќето сигурно би сакале да ги знаат овие нешта пред да се породат.
Поради ова, за Buzz Feed, неколку жени решиле да споделат кои работи ги научиле за мајчинството откако станале мајки, а би сакале да ги знаат порано.
Бидејќи, според нив, скоро никој не зборува за овие нешта, сигурно ќе ве интересира што имаат да кажат:
„Имав слушнато за постпородилна депресија, но не и за постпородилна анксиозност. Се соочив со овој проблем после првата бременост, а по втората е уште полошо. Не можам да престанам да се грижам и да размислувам за најлошите можни сценарија. Постојано сум исплашена. А, кога ќе се случи нешто, како обична настинка, не можам да јадам ни да спијам со денови. Анксиозноста буквално ја презеде контролата над мојот живот, но неодамна почнав со терапија“.
„Колку тешко може да биде доењето. Не знаев и дека доењето е невозможно за некои мајки. Но, сега се помирив со тоа и ако сте во иста ситуација, нема потреба да се грижите ако вашето малечко е нахрането“.
„Не ни помислив на тоа дека бебињата не знаат што е ден или ноќ, или како да заспијат сами. Се сеќавам на првата недела откако се породив – навечер ја ставав ќерка ми во креветчето и не ми беше јасно зошто не заспива. Со второто дете беше полесно. Знаев што да очекувам“.
„Посакувам да не им верував толку на сите блогови за мајки. Се чувствував ужасно бидејќи овие жени постојано објавуваат фотографии од нивните совршени тела и нивниот совршен живот. Дури сега сфаќам дека ништо од тоа не е реално. Само затоа што тие напишале дека се вратиле во топ форма само месец-два после бременоста, или дека немаат буквално никакви проблеми со новороденчињата, не значи дека тоа е вистина“.
„Кога првпат го видов син ми, не бев ’преплавена со радост и љубов‘. Не ја почувствував поврзаноста за којашто зборуваат сите. Поради ова, се чувствував виновно и тажно. Дури подоцна мајка ми мѝ кажа дека тоа е нормално и дека со текот на времето ќе ја почувствувам поврзаноста. И, беше во право“.
„Посакувам да знаев дека има многу предвремено родени бебиња кои мораат да бидат во инкубатор. Воопшто не бев подготвена кога ќерка ми се роди осум неделни порано. Бев исплашена, но медицинските лица се грижеа за неа како за нивно дете. Ѝ го спасија животот. Сакам почесто да се зборува за инкубатори, за мајките да знаат што ги очекува во така ситуација“.
„Уште се чудам колку им е тешко на моите сингл пријателки да прифатат дека сум мајка. Уште не одам на работа за да се грижам за моето малечко, а моите пријателки очекуваат секогаш да бидат достапна. Ми се јавуваат во последен момент за да одиме некаде и не им е јасно зошто ’едноставно не излезам со бебето‘. Неодамна една пријателка доби отказ, па ми рече да сме оделе на одмор бидејќи и двете сме биле невработени и слободни“.
„Сите ќе имаат мислење и совет за вас, уште од моментот кога ќе останете бремени. Ако не им се допаѓа името на бебето, количката што сте ја купиле или што било, верувајте дека ќе ви кажат“.
„Некогаш новороденчињата ќе ве полудат. Буквално едвај ќе чекате детето да заспие. Но кога ќе заспие, веднаш ќе почне да ви недостасува неговото слатко лице. Мајчинството е навистина лудо искуство“.
„Постојано ќе бидете исплашени. Покрај огромната љубов за вашите деца, ќе чувствувате и страв за нивната безбедност и нивното здравје. Постојано ќе проверувате дали е во ред и ќе бидете загрижени за нешто“.
„Без изненадена од тоа колку ми се намали желбата за физички контакт со сопругот. Ќерка ни сакаше постојано да ја држиме в раце, па изгледа бевме истрошени од тоа“.
„Никогаш нема да постигнете сè што сакате. Невозможно е постојано да се посветувате на работата, мајчинството, сопругот и себеси. Кога-тогаш ќе потфрлите во некоја област. Но, важно е да прифатите дека тоа е нормално. Затоа, одредете што ви е најважно и не плашете се да побарате помош за другите нешта“.
„Можно е да се чувствувате многу осамено, особено ако вашите пријатели уште немаат деца“.
Спирова С. | Црнобело