„Знаеш, не сакав така“ - Зошто понекогаш мајките се срамат од царскиот рез?
Забележав дека многу мајки кога ќе ги прашаат на кој начин се породиле, некако им е непријатно да кажат дека одбрале царски рез.
„Знаеш, не сакав со царски“ или „Завршив на царски после 12 часа мачење“ се нужен дел од објаснувањето зошто на овој свет донела дете „неприродно.“
Се верува дека мајките по породувањето со царски рез имаат поголеми шанси да западнат во постпородилна депресија. Дали тоа е поради самиот царски рез или поради нашите и туѓите очекувања од самото породување и како тоа би требало да изгледа?
Тука играат улога и уште неколку ставки:
1. Царскиот рез честопати се смета за привилегија на побогатите жени кои сакаат безболно породување и непроменет изглед „таму доле,“ а сите работи кои се привилегија на некој начин автоматски наидуваат на осудување.
2. Единствено вагиналното породување се смета за природно, па ова неприродното веројатно е недоволно добро. Со самото тоа и вие како мајка не сте кандидат за Мајка на годината.
Царскиот рез не е мода. Не за секого. Не го бирав породувањето со царски рез. Не дојдов и не барав да ми стават анестезија и да ме пресечат, како би станала мајка.
Станувањето од креветот по породувањето го паметам како физички најисцрпувачки дел од својот живот.
Кога докоторката рече: „Одиме со царски од Х причини,“ не скокав од радост. Не се почувствував привилегирано. Звучеше серозно, па ја прашав еднаш и уште еднаш дали некако е возможно да се породам вагинално, бидејќи така планирав.
Кога ми го изнесе ризикот, односно нејзиното стручно мислење, со сопругот само се погледнавме и рековме: Вие сте докторка, не ние – одиме со царски.
Им верувам на докоторите, иако некои можеби ќе ми се насмеат. Сигурно знаат повеќе од нас што знаеме медицина гуглајќи по интернет.
Не би сакала да бидам одговорна ако нешто му се случи на моето бебе при вагиналното породување.
Сите читаме многу, и што треба и што не треба, знаеме многу повеќе за своите права, а и себе си се замислуваме како жени, мајки, кралици кои со сета своја сила на овој свет донеле живот. Ми се чини како одреден број на жени оваа жртва и болка „не им ја признаваат“ на мајките кои родиле со царски рез.
„Те раѓав 20 часа, а ти мене вака ми враќаш?“ Ајде малку да не набиваме вина зависно од тоа кој колку време се раѓал или породувал.
Време е малку да помислиме не двапати, туку десетпати ако треба, пред да ѝ напишеме нешто на мајката која го направила најдоброто што можела за своето дете, во ситуација која не ја планирала.
А тоа како вие сте (по)родиле и онака не е ничија грижа, ниту на вашето дете. На детето му е важна вашата љубов.