„Бебето ти е вештачко, лесно ти беше тебе со царски, себична си бидејќи не го доиш, каква мајка си ти?!“

Kakva-majka-si-ti-01.jpg

Забременувањето оди во 2 екстреми, лесно како грав, како два и два, или што би рекле мои познанички – да погледне само во мојот правец ќе забременам. 

Другата страна на приказната не е толку едноставна и симпатична, затоа што вклучува стотици прегледи, испитувања, боцкања, хормони, толку многу шприцови и инјекции што ќе имате чувство дека вие сте одговорни за најголемиот дел од медицинскиот отпад во Македонија.

Покрај физичкиот аспект – подуено, изобличено тело кое нема да си го препознаеш во огледалото и задолжителниот вишок на килограми, психичкиот замор најчесто се занемарува бидејќи нели „ако сакаш дете ќе стиснеш заби, ќе го изодиш патот, нема да се пожалиш и нема да пуштиш ниту солза“, па така ќе ти се разјадува и срцето и душата, ќе ти се напластуваат емоции, а ти едноставно немаш право на поплака бидејќи во спротивно – не заслужуваш бебе. Аман ма доста, не биди плачка!

До неодамна мислев дека само жените кои се инволвирани во процесот на ин-витро оплодување се соочуваат со вакви подли зборови, меѓутоа и жените кои се породиле со царски рез не биле поштедени. Вклучително и жените што ги дојат или не ги дојат бебињата.

Се чини дека нашиот народ има коментар за сè, а тие коментари носат само една порака: осудувачка, потсмешлива, навредлива конотација која има за цел да ви ја уништи радоста со новороденчето и семејството.

Замислете, жените породени со царски рез не биле вистински мајки според нашиот експертски народ (експертите се инаку стари баби, незапрашани тетки и безделничарски сосетки).

Оваа врвна комисија одлучила дека мајката го одбрала „полесниот пат“ за да се породи, не сакала да истрпи ниту минутка болка, бидејќи ете, тетка Стојна кивнала само еднаш и бебето излегло, а ти жено во 2020 година не си подготвена да се жртвуваш за своето бебе?

Не знам кој ве подучил на вакви глупости и како сте дошле до овој заклучок, ама само помислете колку време ѝ е потребно на родилката да закрепне од природно породување, а колку од царски рез.

Колкави болки трпи после едното, а колкави болки после другото… какво е чувството да си под анестезија додека ти ги претураат органите и се молиш да преживееш и ти и бебето.

Царскиот рез е најчесто она неминовно прибежиште со цел да не се загрозат животот на мајката и детето, ама вие експертски утврдивте дека мајката е себична и не може да истрпи 5 минути болки?

Потоа имате поплаки и за доењето на бебето. Доколку мајката нема млеко, поминала бессони недели, па дури и месеци со цел да го нахрани бебето, а притоа за жал не успеала, станува тажна, бесна и исфрустрирана, бидејќи според вас „не се потрудила доволно, си ги чувала градите да не ја сменат формата, себична е!“

Како воопшто доаѓате до вакви подли, недостоинствени и плиткоумни заклучоци не знам и не сакам ниту да знам. Не сакам да сте ми пријателки, не сакам да сте ми во мојата близина, а верувам и многу други жени не го сакаат тоа.

Бидејќи вие немате трошка емпатија за човечкиот род, а потоа и за жените како припаднички на сопствениот – вие сте бездушни. Непромислени жени со вашите демагогии и проповеди за тоа кој како треба да се однесува во улогата на мајка.

За промена, погледнете си ги своите деца. Многу веројатно е дека сте ги воспитале во истиот дух какви што сте и вие – ограничени и осудувачки настроени. Од многуте анализи на туѓите животи не сте си го погледнале својот, а ни животот на вашите деца, оние „феномени“ нели кои се природно зачнати, природно родени и доени до третата година од животот.

Тоа не ве прави којзнае колкава мајка. Породете се природно уште 4 пати ако сакате и дојте ги исто толку. Залудно е, тоа не те прави мајка.

Ги нема тие солзи што ќе ја исплачат вашата некултура и безобзирност. „Себичните“ мајки ги имаат веќе излеано поради вашите неумесни, грди коментари.

Утре, тоа „вештачко“ бебе, тоа „лесно“ царско породување, и неможноста за доење на бебето и „грижата за изгледот на градите“ може да биде твоето дете.

Дали и нему ќе му ги залепиш овие етикети?

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобелo

Би можело да ве интересира:

„Јас сум разведена мајка на 2 деца - не сакам да ги гледам секој ден и тоа не ме прави лош родител“ „Зошто воопшто си раѓала деца?“ – ја напаѓаат Луси Паркер (35) од Велика Британи...
6 реални приказни од луѓе чии роднини со своето однесување им одат на нерви „Имам 17 години, а сестра ми 28 и мали деца, па кога и да дојдат на гости, остав...
Тешко е да живеете во брак кај што сте повеќе мајка отколку сопруга На жената ѝ треба алфа мажјак. Не ѝ треба маж кого ќе го влече наоколу како дете...
„Не сакам да имам деца – мојата цел е да спијам, да одам во шопинг и да одам на маникир“ „Дали децата се целта во животот и дали ако имате деца нема воопшто да имате вре...
„Се каам затоа што сакав да бидам совршена мајка и викав многу по моите деца за сè“ „Се каам затоа што се карав гласно пред нив со нивниот татко. Им се извинив, но ...
Типови на луѓе на кои наидувам додека шетам со бебе низ Скопје Да се шета со количка за бебе низ улиците на Скопје е вистински предизвик - од т...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg