Зошто децата до 1 година не треба да го поминуваат времето пред екрани?
Благодарение на напредокот на технологијата, денес луѓето можат да направат многу без воопшто и да се помрднат, но тоа има негативно влијание на здравјето.
Иако можеби во многу ситуации е полесно да го ставите детето пред екран и да се занимава додека вие ги вршите своите обврски (или и вие скролате на телефон), време е да се ослободите од оваа навика.
Светската здравствена организација упатува грижи кон седентарниот живот кој го водат многу млади и деца во денешно време.
За таа цел, советуваат дека децата до 1 година не треба воопшто да седат пред никакви екрани, а на 2-годишните деца може да им се дозволи 1 час во денот пред екран со корисна содржина.
Со овие упатства се сложува и Американската Академија за Педијатри, која препорачува децата до 18 месеци да не поминуваат време пред екрани, а советуваат и родителите да ја гледаат поголемата слика од овој проблем.
Всушност, според СЗО, не станува збор за оттргнување на децата од екраните, колку што за додавање активност во нивниот живот уште од најмала возраст.
„Она што мора да го направиме, е да им ја вратиме играта на децата. Мора да се направи пресврт од седентарниот начин на живот до активниот полн со игра, додека истовремено се внимава и на квалитетниот сон.“ – вели доктор Вилумсмен од СЗО, експерт за дебелина кај децата и физичка активност.
Па, ако мислите дека ќе постигнете многу со тоа што ќе го скратите времето кое децата ќе го поминуваат пред телевизор, телефон или таблет – се лажете, бидејќи не е доволно само тоа.
Покрај тоа што нема примарен начин на занимација на децата да ви бидат електронските уреди, исто така е важно да го ограничите времето кое бебињата го поминуваат во седење во количка, лулка, клацкалка, хранилка.
Станува збор за тоа децата од најмала возраст да бидат поактивни, да ги охрабрите да го движат телото колку што е можно повеќе во текот на денот, што ќе овозможи и подобар и квалитетен сон во текот на ноќта.
Докторите од Велика Британија пак, не гледаат толку црно-бело на работите и советуваат дека не треба да се поминува долго време пред екран, но не треба ни да чувствувате вина ако не сте ги укинале сите можни електронски уреди во моментот кога детето се родило и дека не треба да се водите по строги ограничувања на часовите.
Сепак, сметаат дека треба да се обрнува повеќе внимание на конверзација со бебињата и дека родителите треба сами да влијаат на активниот животен стил на бебето и да го вреднува движењето, социјализацијата и добриот сон.
На крајот на денот, родителството е многу повеќе од следење на правилата – правете го она што е најдобро за вашето семејство и деца.
M. M. | Црнобело