Работи кои родителите не треба да ги прават по развод
Никако немојте да се расправате пред детето и никогаш немојте да го критикувате другиот родител пред него - кои други работи не треба да ги правите откако ќе се разведете?
Детето чии родители се разведуваат во себе има многу прашања кои нема кому да му ги постави. Се соочува со збунетост, страв и анксиозност.
Тука настапувате вие, кои треба да го заштитите детето од дополнителен стрес, наоѓајќи начин како најдобро да одговорите на неговите прашања.
Во продолжение, четири работи кои не треба да ги правите пред вашето дете по развод:
Немојте да се расправате пред детето
Ако детето ги слушне вашите кавги, тоа ќе му звучи уште пострашно од што навистина е, а последиците можат да бидат ужасни.
На пример, може да го влоши успехот на училиште затоа што ќе го дефокусираат вашите кавги.
Вашите зборови и навреди само ќе му создаваат дополнителен стрес и ќе направат да се чувствува анксиозно.
Немојте да зборувате лошо еден за друг
Дајте му простор на детето самото со тек на време да донесе заклучоци за постапките на своите родители. Односно, самото да одлучи дали тие биле лоши и како влијаат на него.
Доколку вашиот поранешен партнер ве провоцира така што кажува лоши работи за вас, пробајте да ја смирите ситуацијата.
Обидете се да разговарате со вашиот поранешен партнер како пријатели, објаснете му дека со негативностите само ќе го збуните уште повеќе, а тоа не би било добро ни за вас двајцата.
Воздржете се од лоши коментари кон својот поранешен партнер и трудете се да комуницирате нормално.
Немојте да се расправате околу секојдневни прашања
Избегнувајте да се расправате околу правилата и ограничувањата (кога е време за учење, кога се играат игри, кога се оди на тренинг, до колку смее да остане надвор, колкав е џепарлакот...).
Воздржете се од расправии и негативност при преземањето на детето, немојте да се инаетите околу алиментацијата и немојте да му купувате прескапи подароци на детето за кои сте свесни дека другиот родител не може да му ги дозволи.
По разводот, она што мора да го сфатите и да го почитувате е тоа дека ваша заедничка обврска е да се грижите за децата и дека ќе го дадете својот максимум за тие да го добијат она што навистина им треба.
Немојте да им давате на децата преголема слобода
Во текот на процесот за развод, родителите можат да почнат на своите деца премногу да им попуштат и премногу рано да ги поместуваат поставените граници.
Кога ќе им падне жал што детето и понатаму пати, се чувствуваат немоќно и се трудат на тој начин да му надоместат.
Но, ова е многу погрешен чекор. Не ги препуштајте децата сами на себе давајќи им преголема слобода бидејќи многу потешко ќе биде да ги вратите во колосек како пред разводот.
М. П. | Црнобело