Остави ме да згрешам - така се учи во животот
Неизбежно е да живееш во македонското општество, а притоа да не бидеш подлежен на секојдневните трачеви, или подобро кажано измислици, со една хипербола која има за цел, да ти го зацрни и загорчи животот.
Во животот научив дека не треба да им даваш моќ на безвредни луѓе, така така се изгубија низ маглата на универзумот. Не знам што ме тераше, но уште од мал бев подложен во процесот проба-грешка. Не сакав да слушам од другите, сакав сето тоа да се случи на моја кожа за да можам потоа да заклучам дали е добро или не. Ако другите велеа дека копривите зад дворот на сосетката, која имаше превкусни јагоди, жаркаат, за да не можеш да отидеш и да крадеш, јас сакав да бидам таму.
Да ги почувствувам тие зелени растенија на моите нозе и да ја свијам устата од болка. Кога поголемите од мене зборуваа дека колку е добро да си пијан, јас сакав да пробам, се додека не се изгубам себеси во чашките кои лесно го наоѓаа патот до мојата усна.
Сакав да патувам иако беше опасно, одев во земји каде што не го знаев јазикот, немав ниту идеја како ќе се снајдам. Сакав да грешам, а да рака на срце, грешев многу. Додека во нивните очи бев хомосексуалец, наркоман, безбожник и развратник и што уште не, јас со моите две раце создавав чуда и една прекрасна фамилија.
Зошто го дрдорам сето ова, кое можеби звучи неважно.
Пред некој ден дојде мојата ќерка која требаше да одлучи што ќе прави понатаму во животот, дали да го потроши летото одморајќи, дали да оди на пракса, дали да работи или пак да запише магистерски. Седна во дневната и ме запраша „Како знаеш кога е достигната границата на грешките, или ајде подобро да прашам како знаеш дека е редно да престанеш да грешиш?” Праша таа замислено.
Да бидам искрен ме фати неподготвен. Кога помина тоа прашање низ мојата глава, секакви слики се најдоа таму, од многуте глупости кои ги направив низ животот. Некои дури одеа од крајност во крајност.
„Не постои праг!” Реков јас, додека таа ме гледаше зачудено.
„ Нема граница која можам да ти ја дефинирам ниту јас, ниту некој друг, таа моќ ја имаш само ти и никој друг, кога станува збор за твоите одлуки. Можеш да слушаш совети, но најважно е да почувствуваш нешто внатре што ќе ти го помести организмот. Ако живееш без адреналинот тогаш не си живеела, ако живееш без стравот, тогаш нешто правиш погрешно. Ние никогаш не ви поставивме праг на грешење, па фала му на Бога излеговте супер деца, затоа што ви ја оставивме обврската сами да си го поставите тој праг.
Кога човек е оставен сам да си воспостави управување, полесно ќе се стабилизира отколку кога човек е натеран да остане во одредени граници.
Она што треба да знаеш е дека во тој процес најважно е да се слушаш себеси и да знаеш која е твојата крајна цел. Да знаеш кои се луѓето кои треба да ги задржиш, а кои се оние кои треба да ги пуштиш. Да не одиш до крајниот раб на пороците и да не дозволиш животот да го диктира некој друг освен ти.
Само ти ја имаш моќта врз себе.
Така да ќерко моја, греши, се додека е потребно, се додека не научиш зошто си згрешила. Греши додека не ја создадеш својата зона на комфорот, додека не го кренеш својот штит за да можеш да се заштитиш од животот. Пробај се, искуси се и запомни дека ја имаш поддршката што и да одлучиш. Во животот, барем понатаму секогаш ќе се соочуваш со одлуки, а она што треба да знаеш за одлуките е, без разлика што ќе одлучиш, најважно е потоа да не се каеш.
Одлучувај со цврсти ставови, без разлика колку по одредено време ќе ти изгледаат погрешни”.
Нашите погледи се сретнаа како да се разбравме. Ја погледнав со гордост, а знам дека имаше сјај во очите како да се гордееше со мојот одговор. Ми се чини тоа беше основата на здравата врска родител-дете, да го оставиш детето да згреши, наместо да му наложуваш куп правила, затоа што кога ќе види дека неговите постапки имаат лош бенефит врз неговата индивидуа, ќе знае како правилно да одбере. Дури и најизгубените случаи ќе знаат правилно да одберат, во тоа бев сигурен.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Н. Буџак | Црнобело